Скопската градоначалничка Данела Арсовска е против францускиот предлог.

Таа вели:

Скопје е град на слободата, солидарноста, соживотот и дал бројни жртви за новите генерации да живеат достоинствено во слободна Македонија. Македонија има направено премногу компромиси да биде дел од семејството на ЕУ, таму каде што ѝ е местото“.

Меѓудругото, Арсовска додава:

Досега премногу отстапки се направени за да отпочнеме процес составен од 35 поглавја и уште толку препреки за приклучок кон ЕУ. Премногу често некој носи одлуки за иднината и одлучува за судбината на македонскиот народ спротивно на неговите интереси. Затоа за македонскиот јазик, за идентитетот и за достоинството на македонскиот народ никогаш и под ниту еден услов не смее да се преговара.

Достоинството нема цена, а ако цената е по патот кон ЕУ е да се изгубиме себеси, губејќи сè врз што се темели Македонија како независна држава, тогаш таа цена е превисока. Не може. Доста е. ДА за ЕУ, НЕ за уцени, отстапки и компромиси за сметка на македонското достоинство! Ако досега за сите држави, услов за приклучување кон ЕУ беа Копенхашките критериуми за функционална пазарна економија, стабилна демократија, владеење на правото и прифаќање на законодавството на ЕУ, како сега одеднаш единствено за Македонија се менуваат правилата сред игра и се вметнуваат билатерални спорови, нови формулации и услови кои досега не постоеле за никој друг?

Овој преседан ќе значи поинакви услови за отпочнување преговори од оние кои другите земји на ЕУ ги имале досега, што е спротивно на вредностите како еднаквост, владеење на правото, демократија, почит на човечкото достоинство и човечките права, врз кои се темели Европската Унија.

Македонија заслужува без уцени да пристапи кон преговори со ЕУ, под исти услови како сите останати држави и достоинствено да се движи на пат кон имплементација на реформите за подобра иднина! Ништо друго освен истите услови под кои другите држави пред нас отпочнале преговори, не треба да се прифати, никакви отстапки повеќе не смее да се дозволат и во овој момент сите треба да бидеме обединети и да кажеме НЕ за овој недоличен предлог“.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.