Да не се самозалажуваме и да ги залажуваме граѓаните за промени во однос на Преговарачката рамка или во процесот на проширување, затоа што на крајот од тоа нема да има корист за никого.
Ова го порача денеска во Брисел премиерот Димитар Ковачевски во одговор на прашањето на МИА за коментар на синоќешната изјава на претседателот на Европскиот совет дека иако проширувањето е процес базирана на заслуги, сепак во носењето одлуки за него мора да се води сметка за комплексноста на ситуацијата во Европа.
– Апсолутно тоа е изјава која што претседателот на Европскиот совет не ја кажува првпат, туку ја има кажано неколку пати. Комплексноста е од аспект на тоа што ЕУ започна процес на своја внатрешна подготовка за прием на нови членки и тие својата цел за тоа ја поставија до 2030 година. исто како што ние имаме цел до 2030 година во однос на реформите коишто треба да се донесат, изјави Ковачевски на прес-конференција на крајот на неговата дводневна работна посета на Брисел, каде вчера учествуваше на Самитот ЕУ-Западен Балкан.
Тој потенцира дека единствен отежнувачки фактор зошто не е одржана втората Меѓувладина конференција на земјава со ЕУ, која што е јасно наведена во заклучоците, е антиевропската, анти-ЕУ, анти-НАТО и проруска коалиција во Македонија.
– Штом бидат спроведени амандманите на Уставот во Македонија, што се од техничка природа, што сите вие тоа го знаете, бидејќи нема никаква забелешка во однос на амандманите, тогаш ќе биде одржана втората Меѓувладина конференција. Секако дека овој прозорец на можност којшто го имаме и којшто го имаме до изборите во Македонија и во ЕУ не треба да се пропушти, изјави Ковачевски, додавајќи дека во 2008 година бевме сведоци на она што се случи во Букурешт на Самитот на НАТО, кога беше одложен нашиот прием во Алијансата, а денес сме сведоци на тоа што се случи во Брисел и заради кого тоа се случи.
Оваа изјава е зачудувачка ако се знае дека ЕУ најави промена на Преговарачката рамка за Србија и во неа ќе биде додаден т.н Охридски договор.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.