Министерството за образование и наука потсетува дека двата јавни повици за финансиска поддршка на учениците во основните и во средните училишта, како и за студентите, се објавени на веб страната www.mon.gov.mk, а крајниот рок за аплицирање е 24.12.2023 година.

При креирањето на мерките се водеше грижа процесот на аплицирање на биде едноставен. Сепак, со цел да се излезе во пресрет на барањата на дел од потенцијалните апликанти, процесот се поедноставува дополнително, соопштија од МОН.

При пријавување на учениците од основните и средните училишта, родителите/старателите кои не се во работен однос, немаат обврска да достават потврда од Агенцијата за вработување, туку треба да достават извод од сите лични трансакциски сметки за претходен месец како доказ дека не постојат приходи по основ на плата.

За учениците чии родители не се во брак, информираме дека изјава пополнува само оној родител кој со судска одлука му е доделено правото на старателство, без да се достави писмена согласност од другиот родител. Ова важи и за децата од вонбрачни заедници, изјава и податоци доставува само едниот родител.

По однос на аплицирањето на студентите за покривање на дел од трошоците за превоз, најчесто прашање е што се смета за доказ за висина на месечниот билет за меѓуградски превоз од местото на живеење до местото на студирање, информираме дека апликантите треба да достават фотографија од месечен билет или фискална сметка, како и „принтскрин“ од цените објавени на веб страницата на превозникот, се вели во соопштението на МОН.

Министерството за образование и наука информира дека врши проверка на веродостојноста на податоците во документите од секоја доставена апликација, а утврдувањето на невистинити податоци повлекува и соодветна одговорност.

Инаку, финансиската поддршка од 16,3 милиони евра што е предвидена за помош на учениците и студентите е дел од деветтиот пакет антикризни мерки на Владата за поддршка на граѓаните, во износ од 662 милиони евра, наменети за социјално ранливи категории граѓани.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.