Во понеделник (10 јули) завршува рокот за пријавување на учениците запишани во прва, втора, трета и четврта година за прием во јавните ученички домови за учебната 2023/2024 година.

Учениците кои се пријавуваат на Конкурсот на МОН треба да пополнат електронска пријава поставена на интернет-порталот http://e-uslugi.mon.gov.mk или директно да поднесат хартиена пријава до ученичкиот дом.

Според Конкурсот за прием на ученици во јавните ученички домови во државава за учебната 2023/2024 година, што го објави Министерството за образование и наука, за сместување и исхрана на ученици од средното образование има вкупно 2537 слободни места во 14 ученички домови во Скопје, Битола, Велес, Гостивар, Кавадарци, Куманово, Кратово, Крива Паланка, Македонски Брод, Охрид, Свети Николе, Струмица, Струга и Штип.

Листата на примени ученици ќе биде објавена на веб-страницата на МОН, како и на огласната табла на домот, најдоцна до 19 јули 2023.

Учениците кои ќе бидат примени за сместување и исхрана во дом, сами ќе ги плаќаат трошоците за превоз од-до постојаното место на живеење.

Во Конкурсот е наведено дека првенство при прием на ученици во јавните ученички домови ќе имаат ученици запишани во Државното средно училиште Спортската академија во Скопје и дисперзираните паралелки на ова училиште во другите градови на државата.

Доколку останат непополнети сместувачките капацитети во одреден дом, електронското пријавување ќе биде активно од 15 август 2023, сè додека има слободни места, за што МОН континуирано на својата веб-страница ќе објавува списоци за примени ученици по домови.

Учениците со посебни образовни потреби кои се сместуваат во домовите „Искра” во Штип и во „Партенија Зографски”, „Димитар Влахов“ и „Свети Наум Охридски” во Скопје не треба да пополнуваат електронска пријава и документацијата ја доставуваат во ученичкиот дом во кој се пријавиле за сместување, од 3 до 10 јули 2023.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.