Членовите на Антикорупциската комисија на денешната седница истакнаа дека мрежа испреплетена од голем број учесници потпомогнале во случајот со конфискација на имотот на „Трансмет“.

Дел од имотот кој требало да биде конфискуван во случајот „Труст“ бил преземен од фирми и банки со што била направена штета од над 12 милиони евра, истакна членот на комисијата Шемси Салаи.

Од Државната комисија за спречување на корупцијата објаснија дека во шемата најголема корист имала фирмата „Пуцко Петрол“, а опремата-движниот имот најверојатно е користен во правење профит за фирми семејно поврзани со осудениот во случајот „Труст“, Сеад Кочан.

Според ДКСК слабости биле утврдени уште на почетокот на процесот во СЈО, односно дел од имотот стекнат со кривични дела бил користен како гаранција за да не му биде определен притвор на сопственикот на „Трансмет“, Сеад Кочан.

Од ДКСК информираа дека во случајот се спомнува и фирмата на Хана Јахоска, „Би Холдинг“, како и фирмата „АД Астра“ на поранешниот директор на Шпаркасе банка Сашо Боко.

ДКСК констатира дека фирмата „Би Холдинг“ е роднински поврзана со „Пуцко Петрол“ во сопственост на Асмир Јахоски.

Според ДКСК, над 12,4 милиони евра изнесува сумата од неспроведената конфискација.

Антикорупциската комисија напомена дека дел од државните органи не презеле соодветни мерки и со тоа помагале во преземање на имотот во случајот „Труст“.

Според Салаи, отворено прашање е зошто правобранителството и Агенцијата за управување со одземен имот, не поднеле никакви барања за да се надмине тој проблем.

„Произлегува сомнеж дека службени лица во Државно правобранителство и Агенцијата за управување со одземен имот не ги презеле службените дејствија со што е овозможено преземање на имотот, а надлежните учествувале во изигрување на државата“, рече Салаи.

Тој додаде дека се појавува и сомнеж зоштио службени лица во државното правобранителство како што рече, не презеле дејствија за конфискување на имотот на „Трансмет“ , со што според него помогнале во изигрување на државата.

Мрежата како што вели била широка и опфаќала и нотари, ивршители и луѓе од други надлежни институции.

Нури Бајрами, побара комисијата да поднесе преставка и да се преиспита работата на судовите и обвинителите.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.