Изненадени сме од реакцијата на Кабинетот на вицепремиерката Грковска, за паушални и неосновани обвинувања, дотолку повеќе што во однос на предметот за градоначалникот на Струга Рамиз Мерко не беше воопшто спомнат.
Истовремено, изненадени сме од неоснованите критики за работата на Државната комисија за спречување на корупцијата, од орган чија цел е борбата против корупцијата.
Сите предмети на ДКСК се уредно и согласно законите елаборирани и доставени до надлежните институции. Непостапувањето на другите институции не е одговорност на ДКСК затоа што согласно нашите законски надлежности и ингеренции немаме механизми за да влијаееме на нивната работа и динамика на постапување. Неопходно е во интерес на граѓаните и во интерес на напредокот на решавање на случаите на корупција заеднички сите надлежни тела да ги насочат своите капацитети со иста цел, наместо неосновано да се напаѓа работата на ДКСК.
Доброто владеење, меѓудругото, подразбира соработка и поттикнување на институциите да работат одговорно, отчетно и транспарентно со воспоставени силни контролни системи и механизми. Сите иницијативи и препораки на ДКСК се упатени во таа насока, се вели во соопштението на Државна комисија за спречување на корупцијата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.