Државната комисија за спречување на корупција, со соопштение му врати на нападите на првиот вицепремиер Артан Груби, кој во гостувањето во дневникот на ТВ Сител кажа дека „ДКСК не ги бива“, додавајќи дека немаат капацитет и немаат направено ништо.

Во право сте г. Груби, Антикорупциска нема капацитет да се вози во службени возила 24/7 и за приватни цели, да злоупотребува државни простории, да користи репрезентација и службени платежни картички, ниту да се расфрла со буџетски пари, но бидете уверени дека има капацитет да ги исполни своите законски обврски и надлежности и да изработи бројни иницијативи и препораки кои сеуште чекаат ред и време за да се постапи по нив.

Да ве потсетиме дека четири години по ред во Извештајот на ЕК за напредокот на земјата, добиваме позитивни оценки за својата проактивност и отворање случаи против високи функционери, што е директна потврда за оправданоста на нашето работење и за ажурноста на Комисијата токму во овој состав. Исто така, во своите извештаи ЕК ги повикува надлежните институции да постапуваат по препораките на ДКСК.

Преку своето работење, независност и непристрасност, Комисијата вложува сериозни напори да се задржи и зајакне интегритетот на институцијата, а со своето залагање за правилно разбирање на принципите и доследно владеење на правото, направи сериозен исчекор во сегментот во кој работи.

Зачудува фактот што оваа оценка на ЕК како највисоко тело на ЕУ Вие не ја признавате и изнесувате неосновани обвинувања, а истовремено се залагате за брз влез во ЕУ.

ДКСК е независна институција, со надлежност да постапува по предмети за избрани и именувани функционери. Квалификациите за капацитетите на Комисијата од страна на висок функционер од Владата на РСМ за кој има отворено предмет, не е ништо друго туку вршење притисок врз работата на Комисијата, и оркестриран обид за дефокусирање на јавноста. Ова дотолку повеќе што неодамна Кабинетот на вице премиерката за добро владеење ја обвини Комисијата за паушални и неосновани обвинувања поврзани со предметот за струшкиот градоначалник Рамиз Мерко иако на прес конференцијата на ДКСК такво нешто не беше споменато, а вице премиерот за евроинтеграции на билатералниот скрининг за образование култура и спорт побара од претседателката да не ја известува ЕК за поднесената тужба за клевета од страна на директорот за млади и спорт, Наумче Мојсовски.ДКСК има капацитет да се избори со вашите оркестрирани напади“, стои во соопштението.

Груби се чини не е задоволен од работата на ДКСК имајќи предвид дека меѓу другото, е отворен предмет за неговото користење на службени возила за партиски цели, а ДКСК јавно соопшти и критика дека во канцеларијата на Груби во Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците се одржуваат и партиски состаноци и приеми. Тој во телевизиското интервју изрази не само критика кон антикорупционерите, туку изрази и сомнеж во нивниот капацитет како правници.

Огромно мнозинство од случаите се или изгубени во административни постапки или отфрлени од страна на судиите за тоа што го работи ДКСК и се надевам дека следниот состав ќе биде навистина сериозен, немаат ниту еден успех откако се на мандат. Не ги бива“, рече тој и додаде -Јас на времето ги интервјуирав и очекував повеќе. Верувам во институцијата, но имам сомнежи во капацитетите на луѓето. Во мандат од четири-пет години дали имаат еден единствен случај успешен во постапките. Деновиве ја отфрлија пријавата против мене во ДКСК на поднесокот на ВМРО-ДПМНЕ, рече меѓудругото вицепремиерот Артан Груби.

Веднаш по оваа изјава, претседателката на Антикорупциската комисија, Билјана Ивановска преку својот фејсбук профил му порача: Кога сè е наопаку, дното е на површина.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.