Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров, како член на Националниот совет за европски интеграции (НСЕИ), денес учествуваше на седницата за претставување на приоритетите на француското претседавање со Советот на ЕУ што започна на 1 јануари годинава.

Димитров се заблагодари за активниот придонес на Франција во процесот на проширување и конкретно пристапниот процес на Македонија и подвлече дека стратешки императив за следните месеци треба да биде постигнувањето успех во македонското европско досие.

На Европа ѝ треба лидерство и затоа мислам дека и ние како Европејци имаме среќа што имаме еден таков лидер и во Париз. Македонскиот случај е најубедливиот, најдрастичниот тест за кредибилитетот на политиката на ЕУ кон регионот на Западниот Балкан. Затоа, ако успееме, успехот ќе биде и на ЕУ, ќе биде добар за регионот, за Македонија, за Бугарија. Неуспехот е исто така пораз и голем проблем за сите, вклучувајќи нé и нас, нашите комшии, сите држави во регионот, и самата ЕУ. Затоа влогот во овој процес е огромен и се надевам дека најавениот самит меѓу ЕУ и Западен Балкан кон крајот на француското претседателство во јуни, ќе направи контекст каде што ќе биде прескапо повторно да се соочиме со пораз, сите вклучени во овој процес, рече Димитров.

Агендата на француското претседателство беше претставена од страна на амбасадорот Бомгартнер, посочувајќи дека Франција во јуни ќе организира голема конференција за Западниот Балкан и ја реафирмираше посветеноста за заслужен напредок на Македонија кон ЕУ:

Јасно е дека со француското претседателство постојано ќе се поддржува земјата, за да може работите да напредуваат конструктивно и во добра насока, со цел колку што е можно побрзо и во текот на француското претседателство да се постигне значителен напредок кој сите го очекуваат, рече Бомгартнер.

Амбасадорот Бомгарнер ја искористи приликата за да упати официјална и лична благодарност за улогата на вицепремиерот Димитров во евроинтегративниот процес и во унапредувањето на односите помеѓу двете земји, што придонесоа за обезбедување на силната француска поддршка за Македонија и за европската иднина на целиот регион.

На седницата присуствуваше и шефот на Делегацијата на ЕУ – Дејвид Гир, којшто посочи дека европеизацијата и реформите во Македонија се придобивка и за самата ЕУ и исто така изрази силна благодарност за соработката со вицепремиерот Димитров и неговиот исклучителен придонес во процесот.

Европската Унија на Македонија гледа со пиетет во однос на сите актуелни прашања, вклучително Зелениот Договор, поддршка кон дигитализацијата и социо-економската поддршка на реформите кои што беа дадени во текот на пандемијата со КОВИД-19.“



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.