Како Празник на демократијата и ден кога граѓаните кажуваат кој ќе биде ОДГОВОРЕН за нацијата, ги оцени денешните избори пораншениот министер за надворешни работи Никола Димитров.

Граѓаните гласаа и ја казнија власта што го изгуби компасот. Најстрашно, што ја предаде надежта дека може поинаку. Тоа е добро. Ако не се казни лошото, не може да се очекува прогрес.

Но, победниците ги чека голем предизвик. Државата е во некаков полу-колапс. Партизираните институции се нефункционални. Здравството, образованието, правосудството… Од правда нема ни П. А кога правда нема за големите криминали, сѐ е дозволено.

Предизвикот е да не се повтори стариот лош круг. Да седнат тие каде биле оние, а системот да остане ист. Големиот предизвик се вика системски промени. Нема место за коалицијата на власт во именување директори на клиники, вработување доктори, директори на училишта и учители, во влијание врз судии и јавни обвинители. Вистински луѓе, на вистински места. Јасна линија меѓу државата и партиите. Ред за сите, и наши и ваши и ничии. Ред за сите и одговорност за сите.

Тој голем скок нема да се случи без силен граѓански притисок. Не е доволно да гласаме. Мора да бидеме активни, да протестираме кога ќе згрешат и да фалиме кога ќе погодат. Да бидеме гласни и силни, не само на денот на изборите. Без тоа, драги сограѓани, за четири години или пократко, пак ќе казнуваме, гласајќи против. Ама тоа нема да помогне.

Честитки победници, и умот во глава. Како нација, немаме веќе право на големи грешки, оценува Димитров.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.