Претседателот на движењето ЗНАМ – За наша Македонија и градоначалник на Куманово, Максим Димитриевски, изјави дека државата не смее да биде заложник и дека нема да поддржат избор на претседател на државата во Собранието, затоа што тоа би ја намалило моќта на институцијата Претседател.
Вакви барања секогаш доаѓаат во предизборен период и наводно се политичка пропаганда во функција на изборите. Но, секогаш постои една голема доза на вистинитост и искрен пристап во заложбите од страна на тој етнички блок. Македонија не може да биде заложник на никого… Она што ме загрижува првенствено како граѓанин, но и како човек што носи одговорна функција и претендира за одговорна функција во општеството, заветот на г. Ахмети. Јас од овде, давам завет дека ЗНАМ никогаш нема да дозволи во Парламентот да помине такво решение, затоа што тоа ја усложнува државата, дополнително ја намалува моќта на институцијата Претседател, која всушност треба да биде заштитник на обичниот граѓанин. Претседателот ја црпи својата сила од самите граѓани и всушност тој ги претставува покрај државата и сите ингеренции кои му се согласно Уставот и законот доверени, и граѓаните и се грижи за граѓаните, изјави Димитриевски во гостувањето во Дневникот на Сител, во однос на барањето на ДУИ претседателот на државата да се бира во Собранието со двотретинско мнозинство.
За другиот услов на ДУИ дека нема да коалицираат со никого ако нема уставни измени, Димитриевски кажа дека ќе коалицираат со другите партии, но без условувања.
Ќе има коалиција од македонските политички партии и ќе бидат повикани оние политички партии од етничкиот блок на Албанците, да учествуваат, секако на рамноправна основа, но без условувања. Затоа што оваа држава има Устав, има закони и ние ќе се водиме по нив. Велат нема да биде одобрена таквата коалиција. Кој одобрува? одобрува бројката во Собранието. Нашата држава ја водиме ние, не ја водат тие кои доаѓаат од надвор и ни кажуваат како треба да ја водиме. Ние мора да преземеме одговорнсот да си ја водиме сами државата, да ја направиме одржлива, да се потпреме на сопствените сили, за да не бидеме уценувани ниту од внатре ниту од надвор, вели Димитриевски кој е кандидат за претседател на државата.
На прашањето со кого би коалицирале по парламентарните избори и дали СДСМ, чиј поранешен член е, се нивниот приороден коалиционен партнер, лидерот на ЗНАМ вели дека по убедување е левичар, а ќе коалицираат со оние политички субјекти со кои прво на маса ќе ги дефинираат државните национални интереси.
Ние нема да коалицираме со тие кои досега и правеа штета на Македонија, особено поединци кои заради лукративни интерси продадоа се. Такви има и во редовите на СДСМ и во редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Многу побитно е да се најде принципиелен партнер со кој ќе се гради иднината на оваа држава, вели Димитриевски.
Прашан дали изборот на Горан Минчев за генерален секретар на партијата и шеф на Изборниот штаб е сигнал дека е близок со поранешниот претседател на СДСМ Бранко Црвенковски, Димитриевски вели дека го почитува Црвенковски.
Не, јас мислам дека Црвековски се уште ми ја нема потпишано поддршката за кандидатурата. Имам многу пати кажано – го почитувам него и другите претседатели. Горан Минчев е мој стар соработник со кого многу пати сум имал и различни ставови, но тука имаме и многу нови имиња како што е потпретседателот на партијата Павле Арсовски пензиониран генерал мајор, Весна Бендевска поранешен пратеник, др. Јасмин Циривири…, вели Димитриевски упаувајќи апел до граѓаните да ја дадат поддршката за неговата кандидатура за претседател на државата. в
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.