Жената е столбот на едно семејство, жената е столбот на општество затоа жената може и мора да биде столб и на една компанија и на една институција и на една држава. Нашата обврска како општество е да се бориме против било каков облик на дискриминација. Жените за жал се жртви на таа дискриминација и тоа не се ретки и изолирани случаи. Проблемот е комплексен, затоа што влијаат многу фактори, но заедничко за нив се предрасудите, порача денес Гордана Димитреска Кочоска, потпретседателка на ВМРО-ДПМНЕ.

Дискриминацијата по основ на пол влијае прво на статусот на една жена во зедницата, како на микро, така и на макро ниво, па во образованието, а потоа се пренесува и на полето на нејзиниот работен ангажман, нејзината плата, нејзиниот статус. Ние мораме гласно да кажеме дека нам, на сите нам не ни требаат квоти кои ќе исполнуваат некакви статистики. Нам ни треба коренита промена на општетството во кое личноста ќе се вреднува според неговите квалитети, промена која ќе значи еднакви можности за сите. Жените тие еднакви можности можат и знаат да ги искористат и да се изборат потоа за својот статус. Промената е можна првенствено со гласност, но и со непосредна активност. Ме инспирираше пред некое време една познаничка која самата кажуваше колку тежок пат изодела во својот живот. Нејзиното семејство најпрво не гледало наклоно кон нејзиното образовно надградување. Но за тоа самата се изборила. Потоа се соочила со вработување и таму самата се уверила дека жените ги потценуваат па дури и не ги преферираат за одредени позиции затоа што се наводно послаб пол, па може ќе направат пауза во кариерата заради мајчинството, па можеби повеќе би прилегала оваа работа за некој маж и така натаму – истакна таа.

Но мојата познаничка ми вели, се изборив и покажав дека сум подеднакво силен пол, затоа што сум со силна волја и силен карактер и со силно знаење кое никој не може да ми го земе. И мојата познаничка денес е успешна, почитувана и со семејството. Морам да признаам дека растев во едно семејство каде што рамноправноста беше нешто сосем природно, а моите родители ме третираа подеднакво мене имојот брат. Па животот на мојата познаничка ми беше малку необичен. Необичен затоа што работејќи во банкарскиот сектор гледав иста слика која е малку поинаква од таа на познаничката. Таму жените се побројни и повеќе од рамноправни. Таму никој не жборува за квоти, туку само само исклучиво за квалитет. Но, застанв, се подзамислив и сфатив дека моето воспитување направило јас да не ја гледам оваа разлика, а јас сум ја имала уште пред очи уште како дете во моето родно Тетово“ – истакна таа.

Како мојата познаничка има многу жени кои се избориле и успеале. Но, и такви кои не се спротивставиле на околината, и останале во сенка на мажите. Жените се хероите од нашите животи. Тие се и мајки или сестри или ќерки или сопруги или сето тоа заедно и во исто време храбри жени кои работат и придонесуваат за себе, за своите семејства и за државата. Нашите напори како општество е да охрабриме и да бодриме, да има што е можно повеќе успешни жени, затоа што тоа го крева потенцијалот на една држава. Велат дека еманципацијата на жената и нејзиното вклучување во тековите во текот на минатиот век, помогнале многу семејства да излезат од сиромаштијата. Нашата цел е да продолжиме да бидеме активни и овие промени да се засилат до степен кога жените и мажите ќе се изедначат, истакна таа.

Димитреска Кочоска оцени дека тоа е начинот да го издигнеме и општеството и стандардот на уште повисоко ниво.

Ова треба да го правиме заедно од жените вработени во текстилниот сектор до жените претприемачки. Од жените кои не се вработени, до жените вработени во здравството, од жените земјоделки, до жените професорки. Сите тие жени се борат на свој начин за својот статус во општетсвото и треба да бидат вреднувани. Реков и пак ќе повторам, овие жени се столбот на едно семејство и се соочуваат со истите економски удари и кризи подеднакво, па дури и посилно од мажите. И нив ги погодува сиромаштијата, дури и посилно од мажите, и нив ги тангира невработеноста па дури и повеќе од мажите. И тие гледаат денарот на две да го поделиш пак не стасува и тоа го гледаат и чувствуваат повеќе од мажите. Да се бориме за нивната посветла иднина, да се бориме за промените кои носат иднина, не само за нив, туку и за нивните семејства. Да се бориме храбро за нашата држава како мајка што се бори за своето дете и своето семејство. Така ќе покажеме дека сме всушност посилниот пол кој треба да има еднакви можности, затоа што цел живот на своите најмили го носел на својот грб. Да сте ми живи и здрави, да сте гласни и упорни – истакна Димитреска Кочоска.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.