Потпретседателката на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Димитриеска Кочоска, реагира на лажните информации дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, се заканувал или навредувал.

Реакцијата на Димитриеска кочоска ја пренесуваме во целост.

Има денови кога не сакам ниту еден збор да кажам во врска со некој лажен текст во некој портал. Го сметам за изгубено време без никаква продуктивност. А потоа си велам, зошто да премолчувам?

 

Епа денес баш сакам неколку збора да напишам околу оние обвинувања од незрели политичари, кои поради хаосот кој го продуцираат имаат желба да се истакнат измислувајќи лаги за други, на кои се изнасмеав, не само јас, туку и сите други кои го познаваат претседателот Христијан Мицкоски.

 

Различни сме комплетно. Јас многу потемпераментна и некој што не трпи ништо, а тој многу посмирен и собира сѐ во себе. И двајцата работници – самоуништувачи. Да баш така, самоуништувачи на сопственото здравје и фамилии.

 

Долго време работиме заедно. Прво во АД ЕЛЕМ, потоа и во ВМРО-ДПМНЕ. И кога толку долго работите заедно ги учите сите доблести и маани кои што ги имаат вашите соработници или претпоставени.

 

Е затоа денес не можам да не се изнасмеам на текстот дека претседателот Мицкоски се заканил на некого. Нивото, културата, воспитанието, секојдневното однесување, начинот како реагира кога јас сум нервозна и милион други работи покажуваат дека тоа никогаш не може да бидат негови зборови.

 

Не се случило да искритикува некого, ниту, пак, да навреди. Кога друг ќе даде таков коментар тој само вели: Научи се да живееш со слабостите на другите луѓе и движи по својот пат. Времето е најголемиот сојузник кој ќе покаже кој е во право а кој е крив.

 

Проблемот во нашата држава е да прифатиме дека нештата се менуваат, дека имаме претседател на најголема политичка партија со вистински вредности, манири, култура достоинство и чесност. Човек кој не знае да навреди, туку знае само да почитува, па дури и кога спротивната страна тоа не го заслужува.

 

Направете анализа и ќе видите дека не постои во македонската историја политичар кој е толку навредуван како него. Ниту тој, ниту пак неговите соработници не потклекнуваат токму затоа што знаат дека нема вистина во ниту еден збор. Е таа верба и доверба и тој негов челичен карактер без навреди, достоинствено го донесе денес да биде прв на анкети, а и ВМРО-ДПМНЕ да биде исто така во голема предност пред СДСМ.

 

И како што секогаш вели, времето ќе покаже и докаже!



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.