Државната изборна комисија во целост ги отфрла како неточни и невистинити сите наводи кои излегоа во јавноста од иницијативата на Државната комисија за спречување на корупцијата во врска со набавката на фингерпринт апаратите за гласање. Сите изјави на ДКСК се сведуваат единствено на некакви сомнежи и ризици со кои не се потврдува никаква состојба или неправилности и истите не произлегуваат од веродостојни докази.
Во однос на ова, ДИК има основана потреба и обврска да укаже и да појасни, дека наводите и констатациите на ДКСК кои произлегоа во јавноста се спротивни од конкретни релевантни факти и документи кои навремено беа доставени до ДКСК.
Доколку се направи увид во постапката која е спроведена преку официјалниот систем за набавки на Бирото за јавни набавки, може да се утврди дека се запазени сите одредби од Законот за јавни набавки, меѓу кои и одредбите кои укажуваат на транспарентност на постапката. Исто така условите во техничката документација произлегоа од јавно спроведениот технички дијалог со сите заинтересирани економски оператори.
Согласно со член 41 од Законот за јавни набавки, при спроведувањето на двете постапки за јавни набавки, Комисијата за јавна набавка вршеше објави на Огласите и известувањата од член 63 од Законот за јавни набавки, вклучувајќи го Огласот за јавна набавка, тендерската документација, измените на тендерската документација, одлуката за поништување, одлукaта за избор на економски оператор, како и целокупната документација која произлезе од постапката, што е регистрирано во системот и е на увид на надлежните институции и учесниците во постапката. Конкретно, Бирото за јавни набавки, Државната комисија за жалби по јавни набавки, Управната контрола и Управниот суд јасно констатираа дека постапката во сите нејзини фази планирање, извршување и реализација на Договор е спроведена законито и без никакви недостатоци.
ДИК и покрај кратките законски рокови и обврската од Изборниот закон и распишаните избори, успеа во целост да ја реализира законската обврска за воведување на биометриска идентификација на гласачите, за чие што функционирање немаше никакви приговори од страна на учесниците во Локалните избори 2021, што подразбира ефикасно и легитимно спроведени избори.
Со ваквите наводи непотребно и неосновано се нанесува штета на професионалниот интегритет на ДИК, но и генерално негативна слика за изборниот процес и углед на државата. Поради сите неточни и невистинити наводи на ДКСК, ДИК ги сведува односите и комуникацијата со ДКСК само на неопходните обврски кои произлегуваат од надлежности утврдени со закон
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.