Специјалниот претставник и координатор на Центарот за глобален ангажман на американскиот Стејт департмент, Џејмс Рубин, по посетата на Подгорица, се очекува да дојде во Скопје на разговори со македонските власти за борбата против дезинформациите.

Рубин вчера по средбите што ги имаше во Подгорица, изјави дека е убеден оти Црна Гора повеќе нема да се сврти кон Белград и Москва.

На брифинг со новинарите изрази и уверување дека борбата против дезинформациите ќе биде приоритет на новата влада во Црна Гора.

Рубин, како што пренесуваат црногорските медиуми, оцени дека ќе биде тешко да се постигне напредок на Западен Балкан, ако руските дезинформации доминираат на тој простор.

Посочи дека во Црна Гора има голем број портали кои шират дезинформации од Русија и Кина.

На пример, информациите дека во Украина има фабрика за производство на биолошко оружје се лажни. Исто така, лага е дека САД сакале војна во Украина, рече Рубин.

Покрај Црна Гора, тој неделава ќе ги посети и Македонија и Албанија за да разговара за борбата против руските дезинформации, како и за дијалогот меѓу Белград и Приштина.

Во Подгорица и Скопје, специјалниот пратеник Рубин ќе се состане со владини претставници за да ја зацврсти поддршката за иницијативите против дезинформација. Тој ќе разговара за напорите на Русија, Народна Република Кина и други злонамерни актери кои користат дезинформации за да ја поткопаат демократијата и националната безбедност низ целиот свет, и како нашите нации можат колективно да се спротивстават на заканите во информативниот простор, соопшти Стејт департментот.

За време престој во Тирана, пак, предвидено е да има да има средба со американските амбасадори од Западен Балкан.

Џејмс Рубин беше назначен на должноста специјален претставник и координатор на Центарот за глобален ангажман на американскиот Стејт департмент, од државниот секретар Ентони Блинкен во декември 2022 година.

Има 35-годишна кариера во надворешната политика. Работел како дипломат, политички советник, коментатор, професор и репортер.

Рубин беше портпарол на Стејт департментот за време на војната на Косово, а до 2022 година и помошник државен секретар, за време на мандатот на Медлин Олбрајт, во администрацијата на претседателот Бил Клинтон.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.