Антонијо Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ, во „Дејли Клик“ на ТВ21 го коментираше односот на ДУИ, кој потпиша Декларација која најави дека ќе ја испрати до сите меѓународни институции, со цел, како што велат, со коалицијата ВМРО-ДПМНЕ – ВЛЕН „не е испочитувана волјата на Албанците“.
Сметам дека ДУИ не се грижи толку Албанците и за нивниот стандард и за нивниот начин на живот, колку што се грижи за удобноста на функционерските фотељи во кои ДУИ беа заседнати во изминатите 20 години. И реакциите кои ги произведува се реакции каде се препознава загриженоста на ДУИ од статусот на опозиција. Тоа е проблем на ДУИ, и тоа е дел од демократската игра. Уставот вели дека секој кој има мнозинство од 61 пратеник, има уставно право да формира влада. Ние ќе имаме широка влада поддржана од најмалку 78 пратеници со коалиција со ВЛЕН и ЗНАМ. ДУИ да го прифати ова како политичка реалност, и да престане да ги користи Албанците и да ги омаловажува. Во 2016 година ДУИ тврдеше дека 61 пратеник е уставниот минимум за формирање на влада и ништо друго не е потребно, и треба да си ги видат своите изјави пред 4 и 8 години и дека немаат право да се жалат, рече Милошоски.
Милошоски рече дека кога нивниот градочалник Рамиз Мерко бил ставен на црна листа, тогаш не реагирале, туку сега кога се во опасност да одат во опозиција, тогаш да испраќаат писма.
Талат Џафери сака да се вози и со владиниот мерцедес и да биде премиер, и да биде пратеник. Тоа не може така. Му порачувам да ги почитува законите, и уставот, и да си поднесе оставка од едната функција, рече Милошоски.
Тој кажа дека сите министри од СДСМ веќе си поднесоа оставки, додека министрите од ДУИ и натаму сакаат да седат на две фотељи, и да бидат министри и да бидат пратеници.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.