Министерството за внатрешни работи треба да дава соодветни и точни информации до граѓаните, а не да прави хаос во перцепцијата на граѓаните. Ова денеска го изјави претседателот на техничката влада Талат Џафери, откако деновиве министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, во врска со проблемот за издавањето на пасоши обвини за „саботажа“ во МВР, додека пак, неговиот заменик Митко Бојмацалиев излезе со демант.
Џафери рече дека како поднебје сме подложни секогаш кога има проблеми да се зборува за пречките, а не за решението, и затоа на последната седница на Влада издал задача на Министерството за внатрешни работи на дневна основа да доставуваат информации за примени барања за издавање на документи, како и за издадени документи.
Посочи дека Министерството е надлежно како институција, без оглед дали го раководи лице од опозицијата или мнозинството, да дава точни и соодветни информации, а не да прави хаос во перцепцијата на граѓаните.
Тие на дневна основа треба да ја информираат јавноста колку обрасци примиле, колку издаваат. Не би било соодветно ја да давам информации по тоа прашање. Мојот апел е да не се служат со неточни информации, најмногу штета им прави на тие што се служат со неточни информации. Ако идејата за дневна политика е кој колку поени ќе добие, а кој колку ќе изгуби, погрешен им е пристапот, оти надлежност е нивна и обврска да обезбедат услуга за граѓанинот, а не да се караат меѓу себе кој каков податок ќе дава. Така да, во тој контекст апелот е да се даваат точни информации и од таа причина официјално барав на дневна основа да се има извештај по однос на состојбите – рече Џафери.
Додаде дека во текот на денот очекува да го добие првиот извештај, со оглед на тоа дека пред два дена побарал од МВР да доставува информации на дневна основа.
Џафери денеска беше во посета и надгледување на изградбата на градинката „Фидани 3“ во Општина Чаир, која рече до крајот на април треба да се стави во функција и да вдоми повеќе од 300 деца.
Објектот е современ, меѓу најголемите во квадратура која што се предвидува преку 300 деца ќе имаат можност да се сместат и тоа е она што треба да го направиме и го правиме во континуитет по однос на потребите и во Општина Чаир и пошироко од општината, за да можат да ги задоволат потребите и родителите и децата и персоналот којшто ќе биде ангажиран во работата и функционирањето на овој објект, рече Џафери.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.