Собранието на Република Македонија во секој момент е подготвено да ја почне постапката за уставни измени, изјави денеска претседателот на Парламентот Талат Џафери на брифинг со новинарите. Од моментот кога тие ќе бидат доставени до Собранието од предлагачот до моментот на утврдување на потребата за промена на Уставот потребни се 30 дена. Засега, како што вели, нема најава кога уставните измени би можеле да влезат во собраниска процедура.

-Собранието секако е подготвено во секој момент како ќе постапат овластените предлагачи, надлежните институции ние сме подготвени да постапиме според процедурите и роковите во Деловникот, изјави Џафери по средбата со новинарите.

Претседателот на Собранието е дециден дека пратениците се во постојано заседание така што дури и да треба да се гласа во август за утврдување на потребата за уставни измени, за нив нема да има никаква пречка.

-За Собранието нема никаква пречка ни август, ни јули, ни септември, рече Џафери.

Од приемот на материјалите до гласањето се потребни 30 дена затоа што максимум десет дена треба да работи Уставната комисија, чиј што претседател е Џафери, и со работа треба да заврши осум дена пред денот утврден за гласање. – На седницата на која што ќе биде на дневен ред потребата за уставни измени, дебатата трае максимум десет дена, објасни Џафери.

На 18 јули Собранието веќе има закажано нова седница, но претседателот на Собранието потенцира дека за уставните измени ќе треба да биде закажана нова седница.

Во однос на наводите дека вицепремиерот Бојан Маричиќ им се јавувал телефонски на пратеници од опозицијата, Џафери вели дека никој не може никого да го спречи да се јави некому, но, сепак, посочува дека влијание е недопустливо, кога се пратеници во прашање.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.