Близу 80% од граѓаните сметаат дека има корупција во јавните набавки и дека при трошењето на
јавните пари, политичарите се водат исклучиво од личниот интерес. Вакви податоци дава
најновото истражување на јавното мислење кое за Детектор го спроведе Институтот за политички истражувања Скопје.
Според него, 79,5% од анкетираните сметаат дека има корупција во спроведувањето на јавните
набавки додека само 9,5% не гледаат корупција во овој процес.
Во споредба со анкетата која ИПИС за Детектор ја спроведе во 2019 година, денеска уште поголем број граѓани сметаат дека има корупција во јавните набавки.


Ако во 2019 66,4% сметале дека има корупција во јавните набавки денеска оваа бројка се
зголемила за 13 поени на 79,5% граѓани кои се убедени дека постапките за јавни набавки ги следи корупција.
80,4% од анкетираните сметаат дека при трошењето на јавните пари политичарите се водат од
личните и партиските интереси наспроти само 7% кои сметаат дека при трошењето на јавните
пари, политичарите се водат од интересот на граѓаните.
Анализата на етничката структура покажува дека Македонците многу повеќе перцепираат
корупција во јавните набавки во однос на етничките Албанци. Додека дури 87,8% од
Македонците сметаат дека при трошењето на јавните пари политичарите се водат исклучиво од
личните и партиските интереси, ваков став делат 57% етнички Албанци. Интересно е што само 3% Македонци сметаат дека при трошењето на парите на граѓаните политичарите се водат од јавниот интерес, додека овој процент кај етничките Албанци се искачува до 17,5%.
Близу две третини од граѓаните или точно 72,6% сметаат дека парите од буџетот се трошат
ненаменски додека 17,9% сметаат дека трошоците се за потребите на граѓаните.
И овде сосема различни перцепции на Македонците и етничките Албанци. Додека дури 80% од
Македонците сметаат дека парите од буџетот не се трошат наменски, ваков став делат само 49,4% етнички Албанци. 30,8% од Албанците сметаат дека буџетот се троши за вистинските потреби на граѓаните додека ваков став делат само 13,4% Македонци.
Близу половина од граѓаните или 49,1% сметаат дека состојбата со начинот на кој функционерите ги трошат јавните пари станува се полоша во последните 5 години. 31,8% не гледаат некаква промена додека само 9,9% детектирале подобрување.
Според етничката структура, 54,8% Македонци сметаат дека имаме уште полоша состојба со
трошењето на јавни пари во последните 5 години додека 7,5% забележале подобрување. 31,8%
сметаат дека нема никакви промени. Етничките Албанци се поделени. 32,7% од нив сметаат дека
состојбата со трошењето на јавните пари во последните 5 години станала полоша а 31,9% не
гледаат промена. 16,3% етнички Албанци сметаат дека трошењето на јавните пари за последните 5 години се подобрило.
Истражувањето на јавното мислење за Детектор го спроведе Институтот за политички
истражувања Скопје врз репрезентативен примерок од 1115 испитаници во периодот од 01 до 04
февруари оваа година.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.