Јован Деспотовски, кандидат за претседател на СДСМ продолжува со средбите на терен. Членовите во Крушево и Кичево ја истакнаа потребата од неопходна реформа на партијата и се наметна дебатата за тоа како ќе делува СДСМ како опозиција по изборот на новата Влада.

Деспотовски посочи дека Новиот СДСМ ќе работи на професионализација на партиските тела и ќе формира и Влада во сенка како коректив на Власта и во заштита на граѓаните.

„За да имаме функционална демократија, настапот на опозицијата е форма на лидерство подеднакво важно за заштита и служба на интересите на граѓаните, како што е и кога партијата е дел од мнозинството. Затоа ќе бидеме гласна, проактивна, критична, конструктивна опозиција која ќе работи на заштита на интересот на сите граѓани. Пратениците, во соработка со партиските тела и комисии, после 30.06 ќе мора детално да ги анализираат и потоа коментираат предлозите кои доаѓаат од владејачкото мнозинство, но и активно да предлагаат решенија кои произлегуваат од потребите на граѓаните. Новиот СДСМ станува движечка, основна опозициска сила во Собранието“, порача Деспотовски и додаде: „На членовите, граѓаните и на земјава и е потребен силен СДСМ кој ќе се наметне како водечка, но и конструктивна опозициска партија и во Парламентот и на сите други нивоа. Со мудра политика и дефинирани јасни ставови за сите прашања кои не засегаат и како држава, а особено за се она што ги засега граѓаните. За да си го вратиме интегритетот и местото во општеството мора да преземеме храбри и одлучни чекори. И ова не е избор, ова е чин на одговорност што им го должиме на сите наши членови“.

Тој додаде и дека се предвидува професионализација на партиските тела како и градење на капацитети за да дејствува и како „Влада во сенка“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.