Проф. Денко Малески, поранешен министер за надворешни работи и амбасадор на Република Македонија во ООН, во деншната колумна објавена на „Плусинфо“, насловена како „На Македонија и треба водство, а не референдум“, побара оставка од претседателот на државата, Стево Пендаровски.
Во својот текст, проф. Малески меѓу другото пишува:
„...Опозицијата бара референдум по теркот на претседателот на републиката, изјавува водачот на партијата на македонските националисти. Тоа е манипулација, одговара претседателот по неколкудневен молк кој внесе забуна во јавноста за причините кои го натерале да ја даде оваа невнимателна изјава. Сега, кога падна зборот, да се биде на линија на размислувањето на претседателот може да значи дека опозициската партија би ја прифатила и неговата формулација за референдумското прашање: Дали сакате Република Македонија да биде членка на ЕУ? Претседателот е сигурен дека со вака јасно формулирано прашање про-европската коалиција ќе ја победи анти-европската политика составена од ВМРО-ДПМНЕ и Левица. Но што е сигурно во политиката? Свесен за тој факт, тој додава: ако не биде така „сите ние кои сме на ова место ќе се повлечеме“… Сите?
Мислам дека доколку дојде до референдумско изјаснување, делумно и по вина на претседателот, доволно е тој да ја понуди својата оставка. Со тој чин ќе даде силна поддршка на владата која целосно ја отфрла идејата за референдум и се определува да води користејќи ги инструментите на претставничката демократија.
Страшен е бранот на незадоволство кон ЕУ на кој треба да му се спротистави македонскиот политичар или интелектуалец. Бранот го сочинуваат, покрај мнозинството од народот, опозицијата и некогашни претседатели и високи партиски функционери дури и од самата партија на власт, интелектуалци од МАНУ и универзитетите, уредници на медиуми, невладини организации финансирани од фондови на ЕУ и кој сѐ не...“.
Ваквиот став на проф.Малески е уште една потврда на непријателството меѓу него и шефот на државата. Тоа започна во времето кога проф.Малески му беше советник за меѓународни односи и таа задача ја извршуваше се до изјавата на Пендаровски дека Гоце Делчев бил бугарски револуционер. Под притисок на јавноста, Пендаровски се повлече од тој став и Делчев стана негова црвена линија во односите со Бугарија, по што проф.Малески го изгуби советничкото место. Но, очигледно нивното меѓусебно непријателство и натаму трае.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.