Собраниската Комисија за избори и именувања денеска треба да ја продолжи седницата за изборот на кандидатите за уставни судии.
На седницата треба да продолжи расправата за кандидатурата за уставен судија на Љубомир Јовески, актуелниот републички јавен обвинител.
Последното излагање синоќа го имаше пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Лидија Петковска, која даде критика за работата на Јовески.
Петковска во излагањето рече дека Јовески сопствените изјави ги менува според потребите на власта. Истакнат правник, според неа, не менува ставови по директива, туку ги одмерува своите зборови, посебно ако истите се однесуваат на суштествени прашања.
-Предложивме кандидати кои ќе ја гарантираат институционалната незаисност на Уставен суд и гарантираат дека ќе бидат индивидуално независни. Во Европа не се оди со стар багаж или со нерасчистени случаи, кои наместо да се одплетуваат, уште повеќе се заплеткуваат и излегуваат криминалци полоши од претходните, рече Петковска.
Љубомир Јовески е кандидат предложен од СДСМ и е последен за кој расправа Комисијата.
Изминативе денови членовите на оваа Комисија дадоа поддршка на кандидатите Татјана Васиќ Бозаџиева, која работи во Министерството за правда како државен советник за граѓанско законодавство и на граѓанскиот судија во Апелациониот суд во Скопје, Фатмир Скендер, и двајцата предложени од СДСМ.
Од предложените шест кандидати за уставни судии на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, ниту еден не доби поддршка. Партијата ги предложи Саво Климовски, универзитетски професор, Тодор Витларов, вработен во Вишото јавно обвинителство во Штип, судијата во пензија Бранко Секуловски, Воислав Димовски, доскорешен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство во Охрид и судијката од Управниот суд, Весна Јовановска и професорка Родна Живковска.
Уставниот суд повеќе од една година работи во нецелосен состав. Од предвидените девет члена, на четворица им е истечен мандатот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.