По повод одбележување на 8 Септември – Денот на независноста на државата, владина делегација предводена од премиерот Димитар Ковачевски утрово положи цвеќе на вечните почивалишта на поранешните претседатели на државата Киро Глигоров и Борис Трајковски, на Градските гробишта „Бутел“.

Владината делегација која им оддаде почит на претседателите што оставија неизбришлив печат во градењето на нашата државност, беше предводена од претседателот на Владата Димитар Ковачевски, а во нејзин состав беа, министерката за одбрана Славјанка Петровска, министерот за здравство Беким Сали, министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, како и заменик-министерот за правда Агим Нухиу, информираат од прес-службата на Владата.

Покрај владината делегација, цвеќе положија и делегации на Кабинетите на претседателот, на Собранието, потоа на Сојузот на Борците, дипломатскиот кор како и претставници на политичките партии.

Чествувањето на Денот на независноста – 8 Септември продолжува со „Отворениот ден за граѓаните“ и културно уметничка програма на „Школка“ во Градскиот парк, а централната прослава ќе се одржи вечерва на платото кај паркот „Ибни Пајко“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.