Денеска се навршува една година од пожарот во модуларната болница во Тетово во која животите ги загубија 14 луѓе, кои таму беа на болничко лекување поради дијагностициран КОВИД-19. Пожарот избувна на 8 септември 2021 година околу 21 часот во монтажниот објект од модуларна болница.

По пожарот беа констатирани 14 смртни случаи, додека 12 пациенти го преживеаа пожарот и беа хоспитализирани уште неколку денови во други објекти на болницата. Советот на Општина Тетово на вонредна седница прогласи три дена жалост во градот, од 9 до 11 септември.

Откако беше направен увид на местото на пожарот Основното Јавно Обвинителство Тетово направи и повеќе вештачења за да се утврдат околностите поради кои е дојдено во пожарот. Стручни анализи беа направени од МВР, Технолошкиот факултет, од стручно лице – електроинжинер како и експерти и истражители од сојузната криминалистичка полиција на Германија.

Во октомври 2021 по вештачењето на МВР, Обвинителството информираше дека пожарот во модуларната настанал како последица на запален продолжен кабел, на кој бил приклучен дефибрилатор-апарат за реанимација, полнач за мобилен телефон и уште еден уред.

Истрагата, прибирањето на докази и поднесувањето на обвинителен предлог до Основен суд Тетово траеја до 27 јули 2022 година. Обвинителството поднесе кривични пријави за двајцата директори на болницата, еден доктор и ЈЗУ Клиничка болница како правно лице.

Судот на 16 август сооопшти за кои дела се осомничени двајцата директори, докторот како и Клиничката болница.

Двајцата првообвинети, директорите Фљорин Бесими и Артан Етеми се товарат дека сториле по едно кривично дело – Тешки дела против општата сигурност, третиот обвинет докторот Бобан Вучевски дека сторил кривично дело – Непостапување според здравствените прописи за време на епидемија, додека обвинетото правно лице за двете кривични дела – Предизвикување општа опасност и Непостапување според здравствените прописи за време на епидемија, соопшти судот на 16 август.


На 6 септември годинава судијата Јордан Велковски го закажа првото рочиште, кое веднаш беше одложени за 14 октомври поради отсуство на двајца од обвинетите.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.