Министерката за одбрана Славјанка Петровска денеска оствари средба со помошник директорот за одбранбено планирање и политика на НАТО, Трент Мекбеин, кој го предводи тимот на НАТО за време на дводневните редовни билатерални разговори меѓу нашата земја и Алијансата во рамки на процесот на Пактот за одбранбено планирање, соопшти Министерството за одбрана.

Министерката Петровска, во ова прилика ја истакна посветеноста за континуитет во развојот на одбранбените способности на Македонија, со цел исполнување на обврските кои произлегуваат од членството во Алијансата.

Таа уште еднаш ја истакна цврстата определба на Македонија за долгорочно и стабилно финансирање на одбранбените трошоци согласно заклучоците од Самитот на Алијансата во Велс и достигнување нивото на средства од 2 отсто од БДП за одбраната до 2024 година.

Воедно, министерката додаде дека се работи во континуитет на реформите во одбраната и посочи дека е достигнатото ниво од над 30 отсто од Буџетот за одбраната наменети за модернизација и опремување на вооружените сили преку набавка на нова опрема.

Министерството за одбрана посветено работи на развојот на целите на способности и свесни сме за предизвиците, посебно во контекст на новата безбедносна ситуација во Европа, рече министерката Петровска.

Помошник директорот за одбранбено планирање и политика на НАТО, Трент Мекбејн го поздрави фокусот на земјава и Министерството за одбрана на реформските процеси, зголемувањето на Буџетот за одбраната и модернизацијата на опремата.

Тој изрази задоволство од ефикасното инвестирање на средствата за Армијата за клучните проекти во согласност со НАТО целите на способности. Воедно, беа споделени препораки за одржување на плановите за раст на буџетот во одбраната, како и за реализација на приоритетите за опремување и модернизација на вооружените сили и севкупните обврски од Целите на способности реализација до 2027.

Државниот секретар во Министерството за одбрана, Драган Николиќ посочи дека поради актуелната безбедносна ситуација во Европа, потребата за вложувањето во безбедноста и одбраната е поочигледна од кога било досега.

Билатералните разговори се редовна годишна активност во рамките на НАТО процесот на одбранбено планирање. Дискусиите меѓу експертските тимови на Северна

Македонија и НАТО се одвиваа во шест различни области, преку кои се евалуира статусот на реформите во одбраната, напредокот во развојот на одбранбените способности и идните планови.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.