Универзитетскиот професор Борче Давитковски во СТУДИО 10 на ТВ 24 вели дека во времето на ВМРО-ДПМНЕ имаше пет теста за влез во администрацијата, но одлучувачко беше интервјуто, односно личен избор. Сега се укинати дел од тестовите, но принципот е ист, вели Давитковски.

Многу луѓе во администрацијата се влезени како партиски лепачи на плакати со несоодветно образование. Освен тоа, за тие што се примени не се организираат обуки. Има многу кои не знаат ни мејл да пратат ни табела на ексел. Имаме некадарни луѓе кои треба да одговорат на своите работни задачи според решението за работа. Оние кои се способни а немаат политичка позадина нема кој да ги поттурне. Едноставно, немаме систем на кариера во администрацијата, вели Давитковски.

Ние имаме добри законски решенија, ама лошо ги толкуваме, а полошо ги применуваме, вели Давитковски и како пример ги посочува изборите и именувањата на судии и обвинители. Тој додава дека е недозволиво судски соработници да имаат повеќе моќ при избор на судии отколку истакнати правници.

Ние во клучни ресори, особено во ресори за борба против корупција, имаме пречести промени на министри. Освен тоа, имаме министерства како она за политички систем кое нема надлежности. Министерството надлежно за администрација е лоша комбинација со информатика. Секаде за администрацијата е надлежно некакво тело или комисија која обично е под министерство за правда, вели Давитковски.

Давитковски вика дека имаме 30 илјади административци кои се под договор за дело и властите ги држат на кратко јаже. Кога ќе се смени власта, се менуваат и тие 30 илјади луѓе. И еден ден тоа мора да престане и за тоа мора да има консензус, вели Давитковски.

Генерално секој административен работник треба да си ја гледа својата работа која е сервис на граѓаните, без оглед на тоа кој е министер во моментот, вели Давитковски и додава дека имаме премногу вработени во администрацијата а квалитетот на услугите за граѓаните опаѓа.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.