Есента и сиромаштијата притискаат, ги исцедуваат луѓето, па така дошол ред и на чичко Перо гранапчијата, пред чиј дуќан поминав стотици безгрижни часови, седнат на гајба од пиво, со „посебна“ салама распослана на бела хартија и чашка со жолта. Го нашле со падната глава врз тетратката со должници и ливче отстрана на кое пресметувал колку има за земање. Кога стигнал до пет бројки во евра, кога пресметал дека и да ги собере сите пари, може со нив да купи само половина од стоката што ја продал, срцето очигледно не издржало. Раката го стегнала пенкалото, а главата едноставно клапнала врз тетратката, пишува Дарко Јаневски во колумна за „Денешен“.

Гласот за неговата смрт брзо се рашири, па некои од должниците побрзаa да се раздолжат. Само некои, не сите, но тамам да се соберат пари за гробно место и за погреб. Среќа во несреќа што закопувањето луѓе не поскапело, бидејќи гробарите не работат на струја, туку на газиран сок. Но, затоа превезувањето на телото е друга работа, па семејството решило да го пренесува ковчегот од капела до гробот на рака.

Така од овој свет замина чичко Перо. Во дождлив ден, во кој гробарите псуеаја над својата работа, а присутните над малата игра на нивната судбина која ги натопи до гола кожа. И едните и другите во мислите го псуеја и чичко Перо: мораше ли баш сега, кога можеше тоа да го стори и за време на долгото и врело лето.
Неговите решија да го затворат дуќанот, па морав да најдам друго место пред кое ќе уживам седејќи на пивска гајба пред хартијата со салама и чашката ракија. Која ја пијат само небањатите сељаци, се разбира.

Не оти имав голем избор, но набрзина одбрав да ги преселам моите седенки од продавницата на чичко Перо пред маалската пиљара. Што има своја предност. Тука ако нешто не дознаеш – нема да го дознаеш никаде. Штета само што овде немаат пивски гајби, па морам да седам на пластична гајба од некое овошје, но сеедно.

Така дознав дека оној Битиќи рекол дека струјата ќе поскапи за уште најмалку пет отсто. Што е фино. Англичаните би рекле „nice“. Замислете да беше 50 отсто. Тоа само покажува како оваа Влада се грижи за нас. Па струјата не поскапува за 50 отсто, туку само за 5 отсто. Добро, ај нека биде и за 10, еве нека биде и за 15 отсто, да не бидеме и ние толкави циции, па да го ограничуваме кутриот Битиќи во тесните рамки од пет отсто. Па, не може, другари и другарки, Битиќи на својот грб сам да ги носи тие проценти. Затоа треба да му помогнеме. Зашто, како што рекол Кенеди, не прашувај што државата направила за тебе, туку што ти си сторил за Битиќи.

Затоа струјата нека поскапе за најмалку 15 отсто. Кои ги немаме. Како што ги немаме ни петте отсто. Како што ги немаме ни оние 20 и нешто отсто колку што поскапела струјата оваа година. Така што нема зошто да се грижиме. Впрочем, кој рекол дека зимно време мора на нешто да се грееме. Како што никој не рекол и дека оваа зима мора да ја преживееме. Па еднаш се умира, нели! Затоа опушти си ја душата! Е, сега, како што велеше еден мој покоен пријател, лесна му земја, подобро е да умреш подоцна, отколку порано, ама кога се во прашање процентите од струјата на Битиќи, ова правило не важи!

После оваа генијална мисла за безгрижност од поскапувањата, насмевнат пивнувам од жолтата, каснувам од „посебната“ што сега морам да ја носам со себе, зашто во пиљарата – преполна со некакви брокули и слични чуда – салама нема, земам малку од пластиката наречена домат и, меѓу две сеанси од овој протокол, дознавам дека заради госпожата викана „Скафандер министерка“, полицијата на Обиџуко привела некој актер од Битола. Пишувал човекот за гајтан на ФБ што неа ја возбудило, па пријавила кај Обиџуко. А тој разбира колку што разбира, а тоа не е баш многу, и актерот се нашол во станица. Каде што морал да чека на ред, зошто полицијата имала работа со она детето што беше уапсено заради лажните бомби. Што е потврда на програмата на комуњарите од пред избори дека секој ден мора да постигнат по еден успех. Вчера дете за бомби, денес глумец за гајтан, утре кој знае што, ама место за сомнеж во успесите нема. Патем НАСА може да биде мирна – кај нас сканфандерите уживаат посебна заштита.

Читам и дека претседателот на МАНУ Коцарев напишал:

„Гневот и омразата, искажани во кулоарите, но и на официјални состаноци во и надвор од Академијата, на дел од академиците во однос на моето водење на Академијата во, можеби, најкритичните моменти за опстојувањето на државата, на Македонија, иако очекувани, имајќи го предвид печатат што денес Академијата го втиснува во македонското општество, за мене се, во извесна мера, разочарувачки – зошто, воопшто, гнев и омраза? Впрочем, немаме ли право сите на сопствено мислење, на сопствен став и на начин на раководење, а сѐ во интерес на македонското општество и на просперитетот на граѓаните на Македонија?“

Ете така, Коцарев бил разочаран од „гневот и омразата“ кај дел од вечните во МАНУ. На човекот изгледа не му е јасно дека тој и уште неколкумина таму, се натрапници, наспроти комуњарите во Академијата. Тој изгледа уште не разбира дека, оваа држава постои за таа каста од која произлегуваат тие со гнев и омраза, а не обратно. Се знае кој во оваа пустелија може да биде богат, чие дете може да добива стипендии и да се школува во странство, а чие дете треба да биде аргат. И изгледа нему уште не му е јасно дека во Македонија „сопствен став и сопствено мислење“ можат да имаат само тие, а не и ние. Или како што духовито некој забележал: ние другите сме слободни да мислиме дека не смееме слободно да мислиме. За разлика од тие, на кои оваа држава, заедно со нејзиниот буџет „природно им припаѓа“. За нив постои војската, за нив постои полицијата, за нив постојат судството и обвинителството. Да ги штитат. Како да се наркобосови од Мексико или Колумбија кои под свое ја имаат целата држава. Не дека не постојат и такви кои не му припаѓаат на тоа стебло, кои се од редот на небањатите, а сепак успеале да ги стигнат нашите „наркобосови“, напротив, постојат, но тоа е само затоа што и тие биле дел од смедеревката во бурето која потоа била спакувана во црвено-црно шише. Иста сорта со друг дрес. Банда која ја искористила лажната надеж на народот дека ако ги качи на своите рамења, ќе се борат и ќе се изборат за него.

Оттука, Македонија, си велам, гледајќи во гајбите јаболка на кои пишува „3 кг за 100“, ќе ја биде тогаш кога тие ќе бидат победени. Кога ќе бидат збришани од јавниот живот во Македонија. Зашто изборот е – или тие или ние! Не е проблем веќе ни Преспанскиот, ни бугарскиот ниту било каков договор на кои не им можете ништо се додека постојат домашните Петеновци и Квислинзи. Проблем се тие и нивниот апашки ментален склоп, кој е заразен како вирус и кој одамна не бира партиски бои, нивната муртинско-пазарџиска логика која дозволи дури и еден Зоран Заев да им биде гуру. Проблем е нивниот ментален склоп според кој државата и народот, живите луѓе, се нивна сопственост и сите други постојат само за нив да им биде поугодно и поудобно. Колаборацијата со таквите кои наводно сега се освестиле, па и со оние кои не се освестиле, е рамна на ново предавство на Македонија. А само тогаш, кога тие ќе бидат победени, само тогаш, чичко Перо и илјадниците како него ќе имаат лесна земја! Но, засега, таа победа изгледа прилично, прилично далеку.

Ајде сега, на здравје!

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.