Еден графит на споменикот на цар Самоил во центарот на Скопје дека е „Цар на Македонија“ предизвика бура од незадоволство во соседна Софија. Се разбира, во контекст на преговорите на заедничката комисија за прашања од историјата и учебниците, во кои бугарската страна очекува цар Самоил да влезе во македонските учебници за 7 одделение како бугарски цар, наследник на бугарското царство, а за што нашите историчари и политичари, наводно, изразиле подготвеност за прифаќање!?
Но, сега, по посетата на македонскиот претседател Стево Пендаровски на Црна Гора и заедничкото поставување со својот домаќин, црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ, на спомен-плочата на кнезот Владимир и принцезата Косара на истоимениот плоштад во Бар се поставува прашањето дали и овој чин ќе предизвика нова хистерична политичка бура во Софија?!, -прашува во анлизата „Пресинг ТВ“.
Зашто, претседателот Пендаровски немаше никакви дилеми и во својот настап принцезата Косара, ќерка на царот Самоил, ја именуваше како македонска принцеза. Ова, пак, има двојно значење. Од една страна, претставува удар врз македонскиот дел од заедничката македонско-бугарска комисија, а од друга, сигурна потврда дека не се консултирал со новопечениот „заслужен академик“ и директор на Институтот за национална историја, Драги Ѓоргиев. Ако го сторел тоа, веројатно ќе му било сугерирано нешто сосема друго. Можеби Косара да биде бугарска или компромисно „северномакедонска“ принцеза! Па, од „бугарски цар, наследник на бугарското царство“, не може да постои македонска принцеза! А, во духот на мултиперспективниот поглед врз историјата „северномакедонска“ би било во „согласност“ со новата реалност.
Ова е само еден поглед врз тоа, што може да биде последица ако се направи некаков трул компромис за отуѓување на делови од македонската историја и личности, без разлика на кои историски периоди им припаѓаат. Што е поважно, од случувањата во Црна Гора најилустративно може да се види апсурдот од работите на такви комисии на кои не се прави ништо друго, освен што политички се лицитира за припадноста на македонската историја и за значајни личности од неа и од македонската култура, традиција и митологија.
Посетата на претседателот Пендаровски на Црна Гора и поставувањето на спомен-плочата на црногорскиот кнез Владимир и македонската принцеза Косара на истоимениот плоштад во Бар покажа дека историските случувања и личности се вистински мост за современо доближување меѓу две држави и два блиски народи, со многу проблеми и сличности во своето егзистирање. А, љубовта е легендарен мотив и предание за историската и културната меморија на двата народа. И дали за да се дојде до ова претседателот Пендаровски можеби требаше да бара дозвола од некого во Бугарија?!
Токму за блискоста и сличностите меѓу двете држави и двата народа, пред десетина дена беше објавена книгата „Македонија и Црна Гора-Културноисториски и книжевнотворечки контекст“ од проф. Илија Велев. Книгата е на црногорски јазик и е заедничко издание на Матица црногорска и на МАНУ, а треба да се појави и на македонски јазик. Во соопштението на Матица црногорска меѓу другото стоеше дека проф.Велев во оваа научна студија на 450 страници тргнува од ставот дека Македонија и Црна Гора, преку историскиот континуитет на Дукља и Зета, со векови цивилизациски и културно проникнуваат. Како дел од Балканот, со низа историски прилики, овие земји и народи живееле со последиците на глобалните културноисториски процеси. Затоа Црна Гора и Македонија имале заедничка историска и културолошка судбина да се наоѓаат во составот на повеќе империи и држави, заклучно со југословенската федерација.
Извор: Пресинг ТВ
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.