Првиот вицепремиер и министер за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ присуствуваше на прославата на 100-годишнината од македонското воздухопловство на спортскиот аеродром „Стенковец“ во Скопје.

По тој повод, Дачиќ им се обратил на насобраните гости и потенцирал дека овој аеро-митинг, на која учествуваше цивилна и воена авијација од Италија, Грција и други земји, заедно со македонската и српската авијација, е јасен показател за интересот на државите, економиите и граѓаните во овие простори за воспоставување уште подобри меѓусебни врски, но и свесност за заедничка одговорност кога станува збор за зачувување на мирот и безбедноста како предуслов за забрзан економски и социјален развој.

Одбележувањето 100 години македонско воздухопловство е добра можност да ги „ставиме во погон“ сите неискористени потенцијали, кои несомнено постојат, за понатамошен, уште посестран и заемно корисен развој на нашите односи. Нашите две земји имаат братски односи, како и одлична соработка во рамките на иницијативата „Отворен Балкан“ и на други регионални форуми. Посебно ме радува фактот што со овој собир ќе испратиме политичка порака дека нашите земји се решени дополнително да ги зајакнуваат односите, а заради попросперитетна иднина на нашите граѓани, рекол Дачиќ.

Тој додал дека јубилеите, како овој, даваат поттик за понатамошен развој на културните, економските и сите други врски меѓу Република Србија и Република Македонија, истовремено придонесувајќи за натамошно зајакнување на постоечкиот тренд на развој на соработка меѓу две пријателски земји и народи.

– Длабоко сум убеден дека во периодот што следи ќе продолжиме да ги зајакнуваме братските и пријателските врски меѓу нашите народи, со што ќе придонесеме за мирот и стабилноста на целиот наш регион, нагласил шефот на српската дипломатија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.