Да се елиминира праксата на линч на медицински персонал без да се знаат фактите и околностите, апелираат од Комисијата за здравство на ВМРО ДПМНЕ, алудирајќи на случајот со тримесечното бебе на Клиниката за детски болести.

Изминатиот петок семејство на бебе кое било хоспитализирано на Клиниката за детски болести обвини медицинска сестра со 15-годишен стаж дека го повредила бебето, наводно поради непознавање на македонски јазик на мајката и бабата на бебето. Според семејството, бебето имало модринки по рацете и тоа го соопштија преку медиум откако ја напуштија болницата. Министерот за здравство Арбен Таравари беше во посета на семејството. Директорот на Клиниката за детски болести Реџеп Мемеди најави формирање на Комисија која ќе го испита случајот. Лекарите на Клиниката на стручен состанок го известиле Мемеди дека нивната работа не е да утврдуваат намери, туку семејството треба да поднесе пријава, па потоа да го повика Обвинителството и да ја води процедурата на ниво на истражни органи, бидејќи обвинувањата на семејството се исклучително сериозни – физичко насилство од медицинска сестра врз тримесечно бебе. Мемеди за порталот „Портал Икс“ синоќа изјави дека немало намера да се повреди бебето и било само недоразбирање, така што нема случај и нема физичко насилство.

Дигнитетот и довербата во медицинските работници се наш императив, а недокажаните и еднострани обвинувања кон здравствениот персонал го поткпопуваат и се на штета на целиот здравствен систем.

Апелираме на објективни, правични и законити процедури со цел да се елиминира праксата за линч на медицински персонал без притоа да се утврдат сите факти и околности, во конкретниот случај со случувањата на Клиниката за детски болести.

Потсетуваме дека процесите со кои се фрла дамка на сестринската професија го демотивираат и онака дефицитарниот медицински кадар, а неопходно е да се земе во предвид стручното мислење на персоналот, здравствената состојба на пациентот, извештајот на стручната комисија и страната на засегнатиот медицински работник, реагираат од Комисијата за здравство на ВМРО ДПМНЕ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.