Министерот за здравство, Фатмир Меџити нема да ја преиспита одлуката за враќање на проф. д-р Сашко Јовев на директорката позиција на Клиниката за кардиохиругија. Денеска на отчетот за сработеното за првите 100 дена откако е на функција кажа дека тоа е апсолвирано прашање, повторувајќи неколкупати дека тој е добар пријател со д-р Јовев, кого многу го почитува како лекар и човек, но одлуката нема да ја смени.

Кога министерот носи одлука таа не се преиспитува, тоа е асолвирано прашање, почит кон професорот, рече министерот Меџити.

На денешниот отчет се пофали дека утрово првото кафе го испил со професорот Јовев и дека одлуката за негово разрешување не ја менува. Не зборувале дали Јовев ја прифатил неговата понуда да му биде советник.

Првпат денеска утринското кафе го испивме со почитуваниот професор Јовев. Професорот ќе продолжи да работи како најдобар кадар од таа клиника заедно со другите во стручниот тим, со сите други колеги кардиохирурзи. Ќе се посвети повеќе на пациентите и на работата, а ќе ја има мојата потполна поддршка како доктор кој ги извршува секојдневните дејности во Клиниката, рече министерот Меџити.

На прашањето дали ќе има нов директор, министерот одговори само „ќе видиме“ и најави дека ќе се труди програмата за трансплантации да добие поголем буџет.

Меџити претходно посочи дека за директорското место во Кардиохирургија очекува предлог од СДСМ бидејќи и Јовев бил предлог на оваа партија. Нов кандидат, според денешната изјава на Меџити, сè уште нема.

Немаме тајминг за назначување нов директор, да го расчистиме прво случајот и потоа кога ќе има кадар прифатлив и за Министерството и за мене, јас сум тука, рече Меџити.

Докторот, пак, изминативе денови доби огромна поддршка од персоналот во болницата и од пациентите кои се побунија против неговото разрешување.

Проф. д-р Јовев не смета дека е жртва на политички реваншизам, туку дека станува збор за суета и недоразибрање од страна на министерот за здравство Фатмир Меџити.

Јовев, кардихирург од светски глас е познат по тоа што го предводеше тимот што ги изврши првите трансплантации на срце во Македонија.

Адвокатскиот тим на кардиохирургот Јовев најави тужба по решение со кое тој се разрешува за листи за исплата на дежурства од 2022 година.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.