Обвинителот на поранешното СЈО, Трајче Пеливанов, кој треба да ја менува Русковска, на денот на претресот во Финансова полиција бил во кафеана заедно со тогашниот директор на управата, Арафат Муареми, дознава „Инфомакс“.

Додека шефицата на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, Вилма Русковска е под супсензија токму обвинителот Трајче Пеливанов кој речиси две години е во Обвинителството за гонење организиран криминал, по предлог на републичкиот обвинител Љубомир Јовески и одлуката за избор од Советот на јавни обвинители, ќе раководи со оваа институција.

Како што дознава порталот, на дента на фамозниот претрес во Финансова полиција обвинителот Трајче Пеливанов бил во кафеана со тогашниот директор на Финансовата управа, Арафат Муареми и Љуљзим Јашари инспекторот на Финансова кој бил десна рака на директорот во рекетарската шема.

Споменатите биле забележани во ресторанот „Стара градска куќа“ истиот ден додека траел претресот.

„Инфомакс“ стапи во контакт со обвинителот Трајче Пеливанов кого директно го прашавме за што разговарал со Муареми и Јашари додека неговите колеги вршеле претрес во институцијата со која раководи токму Арафат.

На прашањето Пеливанов не одговори, а потоа го исконтактирале и по телефон, а во кус разговор тој на новинарите на „Инфомакс“ им кажал дека бил во гужва и дека не може да разговара.

Два дена по разговорот, „Инфомакс“ се уште не доби одговор за што се разговарало на средбата.

Кој е Трајче Пеливанов

Пред да стане дел од Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, во Специјалното јавно обвинителство (СЈО) работеше четири години од 2015 до 2019 година.

Обвинителската кариера ја започна во Основното јавно обвинителство во Скопје во 2009 година, каде работел до 2015 година.Има обвинителски стаж од 11 години.

Пеливанов на оваа функција ќе остане најмалку до почетокот на следната година бидејќи мандатот на Русковска завршува во ноември, а потоа сигурно ќе бидат потребни уште неколку месеци додека се избере нејзин наследник.

По кадровските промени во Обвинителството за гонење на организиран криминал прашање дали новиот обвинител ќе ги продолжи случаите кои ги започна Русковска, од кои некои допираат до највисоките структури на власта.

Колку заработија „специјалните обвинители“

По 87 илјади евра за 4 години надвор од редовната плата зеле Фатиме Фетаи, Љубомир Лапе, а илјада евра помалку зеле Артан Ајро, Трајче Пеливанов и Гаврил Бубевски. Обвинителката Ленче Ристоска зела најмалку, 72 илјади евра



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.