Претседателот на Собранието Талат Џафери лично и од име на пратениците во Собранието го честиташе Денот на учителот – 7 Март, изразувајќи, како што вели, највисока почит кон нашите драги учители кои ни помогнаа да ги научиме првите букви, да нурнеме во светот на непознатото и да се збогатиме со нови сознанија за вредно да придонесуваме во општеството.

Прославувањето на оваа толку благородна професија, толку значајна и суштинска за новите генерации, за нивната иднина и иднината на светот воопшто е потсетник и неопходен поттик за сите нас со цел никогаш да не ја заборавиме вредноста на првите вршители на оваа професија во животот на секој од нас поединечно, допирајќи ги нашите животи, облагородувајќи ги со светлото што го дава знаењето и оставајќи неизбришливи траги во нашите срца. Затоа и јас, како некогашен ученик, на овој значаен ден, ги спомнувам со копнеж оние што ги поставија првите темели на мојот пат на знаењето, моите први учители во Основното училиште „Перпарими“ во Форино, генерација 1969-1970. Мојот прв учител, Назми Идризи, учителот Гази Зеќири, учителот Ќани Бајрами и учителката Армата Муслиу, чијшто придонес и труд во образовната сфера е скапоцена и јас сум сигурен дека нивното светло ќе свети засекогаш, пишува Џафери во честитката.

Додава дека е за пофалба волјата и придонесот на учителите и сигурен е, како што вели, дека нивната посветеност во пренесувањето на знаењето нема никогаш да се исцрпи, додека успесите на генерациите што ги учат ќе бидат нивниот секојдневен поттик и гордост.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.