ИМА ЛИ КОНТРОВЕРЗА ВО ДЕЛУВАЊЕТО НА ИВАН (ВАНЧО) МИХАЈЛОВ?!

Повторно овие денови македонската јавност ја бранува прашањето за значењето на ликот и делото на Иван (Ванчо) Михајлов во македонскиот општествен дискурс visa-vi отворањето на бугарските клубови „Иван Михајлов“ и „Цар Борис“ во Битола. За тоа дали е „контроверзна“ или „чиста како солза“ неговата активност во однос на македонската кауза во прилог приложуваме делови од текст од книгата на бугарскиот историчар Георги ДаскаловКлио наспроти Темида, Антон Калчев хуманист или воен злосторник, Воена издавачка куќа, 2013.(Клио срещу Темида, Антон Калчев, хуманист или военнопрестъпник, Военно Издателство, 2013), која е пишувана врз база на обемна библиографија од бугарска, германска, грчка и македонска провиниенција. (Цитатите се превод од книгата на Георги Даскалов, а текстот е парафразиран)

По распаѓањето на Кралството Југославија и формирањето на Независна Хрватска Држава на покана од Анте Павелиќ во Загреб се населува Иван Михајлов кој дотогаш бил во емиграција., пишува за „Пресинг ТВ„ поранешниот директор на Институтот за национална историја Тодор Чепреганов.

Уште во првите денови по поднесувањето на акредитацијата во хрватскиот главен град, во текот на јули 1941 година, новоназначениот бугарски полномоштен министер Јордан Мечкаров се среќава со И. Михајлов. Во таа прилика лидерот на ВМРО пред дипломатот изразува радост што иако не целосно „Македонија е веќе при мајката – Татковината“ и дека „друго решение не можеше да има. Нашите слогани за ‘автономија на Македонија’ за ‘самостојност’ и сл. беа само конјуктурни т. е. привремени. Главната, нашата далечна цел беше да се присоединиме кон Бугарија. Кој го зборува спротивното не е вистински Бугарин и доведува во заблуда“,

После неколку дена Ј. Мечкаров повторно се среќава со И. Михајлов, при што Михајлов истакнува: „Најважното е да не се дели Македонија. Нашите сили треба да бидат да ја задржиме цела, недопрена кон нас…Тешка загуба за Бугарите ќе биде ако треба да изгубиме такви убави и здрави бугарски краишта како Тетово, Струга, Гостивар, Кичево, Лерин, Воден Костур“.

Своето сфаќање во однос на идејата за автономна и независна Македонија И. Михајлов го изнесува и пред претставникот на германската телеграфска агенција дека „денешните Македонци не се ништо друго освен македонски Бугари…Теоријата за постоење на македонската нација – со свој јазик и т. н. е болшевички изум. Барањето за автономија и независност на Македонија се проповедала од нашата организација, бидејќи не можеше отворено да се сака обединувањето со Бугарија, и освен тоа, бидејќи на друг начин не можеше да се истакне појасно идејата за целокупноста на Македонија. За нас прашањето за слободата на Македонија е толку важна, колку и прашањето за целоста на Македонија, тие се неразделно поврзани помеѓу себе. Затоа присоединувањето на делови од Македонија кон Бугарија не претставува ослободување на Македонија бидејќи бевме принудени поради тактички размислувања во текот на десетлетија да се бориме со слоганот за автономија и независност. Некои лица од младото поколение ги сфатија неправилно задачите на нашата борба и така станаа плен на болшевизмот. Тие се сега имено во планините, сепак тие банди не бројат повеќе од 1000 души“.

Уште во текот на пролетта 1943 година веќе бил воспоставен контакт меѓу Берлин и И. Михајлов. Бил постигнат договор за подготовка од страна на германски специјалисти на радиотелеграфисти и диверзантски кадри од организацијата ВМРО. Било договорено и прашањето за формирање на бугарски доброволечки корпус во Егејска Македонија. Тоа се потврдува и со фактот што на покана на Михајлов, кон крајот на август 1943 година, во Загреб пристигнува Г. Димчев. Двајцата ја разгледуваат можноста за формирање на доброволечки корпус во Егејска Македонија.

Во разговорот од 4 ноември 1943 година меѓу раководителот на Абвер во Бугарија д-р Делиус (Ото Вагнер) и Хајдер од СС, последниот соопштува дека е договорено да се формираат доброволечки „македонски делови“ во грчка Македонија и во доверба истакнал дека „иницијативата за таа задача и овој потфат потекнува од познатиот македонски лидер Иван Михајлов“.

Кон крајот на 1943 година Берлин постигнува договор со ВМРО. Имено во писмото од 22 октомври 1943 година од кабинетот на СС Хајнрих Химлер до германското министерство за надворешни работи меѓу другото се истакнува: „Според договорот на рајхсминистерот на СС и соодветните надлежни места, македонското ВМРО во окупираните од Германија краишта на Јужна Македонија – што значи надвор од територијата на бугарската држава – е на располагање на рајхсфирерот на СС“.

На 4 ноември 1943 година во Загреб пристигнува Хајдер. При средбата со Михајлов биле прецизирани прашањата за воена соработка во рамките на еден „политички договор“. По враќањето на Хајдер во Берлин, Химлер дозволува формирање на бугарски вооружени единици. Таа идеја е поддржана од полномошникот на Рајхот за Југоисток Нојбахер. Според него тоа се вклопувало во германската стратегија „за поттикнување и обединување“ на сите сили во балканските држави, коишто војуваат против местните вооружени комунистички сили.

Во текот на ноември 1943 година И. Михајлов на покана од Берлин пристигнува во германскиот главен град. Примен е во одделот на Химлер и се среќава со Адолф Хитлер. При таа средба „договорено е формирање на 2-3 батаљони од егејските Бугари кои требало да бидат вооружени и опремени од германска страна“. Еден од условите бил бугарската влада да се согласи 500 македонски бегалци да преминат од Бугарија во Егејска Македонија за да се формира јадрото на замислените воени единици. Според д-р Ернст Катенбрунер, шеф на службата за сигурност, нивната главна задача била „уништување на комунистичките чети во Северна Грција“ и дека тие единици не требало да дејстуваат надвор од определените рамки за било какво остварување на политички цели бидејќи во спротивно ќе бидат „превземени репресивни мерки спрема И. Михајлов“.

На 26 ноември 1943 година меѓу Химлер и началникот на штабот на Врховното главно командување на Вермахтот генерал-фелдмаршал Вилхелм Кајтел е постигнат договор „најдобрите луѓе на ВМРО да се примат во служба во заштитните полициски сили“. Реализирањето на таа идеја им е доверена на Вецлер и Хелман во Софија кои во практика требало да ги ангажираат дејците на ВМРО за идните германски планови. Нивната мисија се држи во тајност од официјалните германски претставници во Бугарија, како и од самите бугарски власти.

Во исполнувањето на договореното на ВМРО со Германците во текот на декември 1943 година, членовите на илегалниот ЦК на ВМРО В. Куртев и Г. Настев развиваат во Софија и низ Бугарија активна дејност и ги организираат поранешните стари „војводи, четници и терористи“. Сите „со голем ентузијазам“ ја прифаќаат задачата да бидат префрлени во Егејска Македонија за заедничка борба со „местните Бугари“ против „грчките андарти“.

На 21 март 1944 година во Солун притигнува Д. Цилев, еден од најблиските соработници на И. Михајлов. „Тој е придодаден на Хајдер, како советник по прашањето на бугарското малцинство во Грција“. Од 1941 година кога се населува во Загреб И. Михајлов е во постојан контакт со своите соработници во Бугарија: В. Куртев, Г. Настев, Д. Цилев, А. Аврамов, К. Дрангов, Ј. Марков и др. Многу од нив го посетуваат во Загреб. Исполнувајќи ги неговите директиви тие воспоставуваат врски со бившите членови на ВМРО и ја возобновуваат нејзината организациона структура. Г. Димчев ги посетува Штип, Велес и Скопје каде се среќава со истомисленици. Во Скопје е одржана конференција на 25 души меѓу кои Димитар Чкатров, Димитар Ѓузелов и Стефан Светиев. Учесниците на конференцијата биле критички настроени кон линијата на ВМРО во лицето на И. Михајлов сметајќи дека ангажирањето со Германците е опасно и дека отишол многу далеку. Било разгледано и прашањето за односите со Титовите партизани во лицето на Македонската народноослободителна војска. По жестоки расправии е донесено решение да се воспостави контант со македонските партизани. Месните дејци на ВМРО во Македонија веќе биле убедени дека единствената алтернатива на идејата за присоединување на Македонија кон Бугарија е повторно враќање на слоганот „независна Македонија“. Во тој период Михајлов веќе располагал со информации дека Германците ја форсираат идејата за прогласување на независна Македонија. Уште кон крајот на јули 1944 година, кога започнува заладувањето на бугарско-германските односи, германското раководство гледа извесна можност да ги зајакне своите позиции на Балканот. За нејзиното реализирање се смета на И. Михајлов кој прифаќа, гледајќи го тоа како последна можност за реализирање на неговите планови за обединување на Македонија со Бугарија. Во почетокот на август 1944 година Михајлов преку В. Куртев ги запознава останатите раководители на ВМРО со германската идеја за прогласување на независна Македонија. За реализирањето на таа идеја по негови насоки се пристапува кон подготовките на неопходните услови за тоа во Вардарска Македонија. За таа цел во текот на август во Скопје престојуваат: В. Куртев, Г. Настев, А. Аврамов, Г. Атанасов, К. Дрангов и др.

Постепеното дистанцирање на Бугарија од нацистичка Германија и објавената кон крајот на август бугарска неутралност се причина Берлин се повеќе да игра на македонската карта. Во однос на ова е и залагањето на бугарскиот министер д-р Александар Станишев кој кон крајот на август 1944 година му предлага на германскиот полномошен министер Бекерле да објави „независност“ на Македонија и да биде ставена под германска заштита. Во контакт со соработниците на Михајлов тој започнува подготовка за реализирање на таа замисла во Вардарска Македонија. Во меѓувреме Станишев испраќа директива до скопскиот областен директор Тома Петров да подготви терен за прогласување на „независна Македонија“. Тоа прашање било разгледано и при средбата на членовите на ЦК на ВМРО, В. Куртев и Г. Настев. Се донел заклучок И. Михајлов да замине за Скопје. Во меѓувреме прашањето за заминувањето на Михајлов било дискутирано на 30 август 1944 година во Загреб со официјален германски претставник. На 4 септември 1944 година И. Михајлов пристигнува во Скопје. За време на дводневниот престој има средби со своите приврзаници: Куртев, Настев, Цилев, Аврамов, Атанасов и др. Поголемиот дел од присутните ја отфрлаат идејата за прогласување на независна Македонија, што нешто го поддржува и Михајлов имајќи го предвид развојот и успехот на НОВ и ПО на Македонија. На 7 септември 1944 година заминува од Македонија и завршува со неуспех неговата епизода околу прогласувањето на независна Македонија со Бугари, останувајќи доследен до крајот на својот живот негирајќи го сосема постоењето на македонска нација, јазик и култура.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.