Информацијата на албанскиот портал „Ора њуз“ дека заменик-министерот за внатершни работи Назим Буши наводно платил 20.000 евра за едно ноќевање за суперлуксузен апартман во луксузен хотел во Истанбул на директен начин го отвори прашањето за финансиската моќ на одредени функционери. ДУИ, чиј кадар е Буши, неодамна повторно ја отвори темата за ветинг на функционерите и ако толку многу се залага за тоа тие проверки нив треба да ги почне токму со заменик-министерот.

Телма го праша Буши како престојувал во хотелот, а неговиот одговор е дека тоа било приватно патување од здравствени причини, планирано пред да стане заменик-министер. Во Турција патувал во октомври 2020 година, а стана заменик-министер на 23 септември истата година.

„Бевме во Турција за интервенција на внукот во болницата ‘Коч хоспитал’. Во хотелскиот апартман престојувавме повеќе лица, бевме гости на двајца пријатели од Скопје и не знам кој ја платил сметката и колку чинел престојот. Но сумата од 20.000 евра е претерана“, изјави Буши за Телма.

Од Министерството за внатрешни работи тврдат дека тие не го платиле патувањето на Буши.

Можеби МВР навистина не ги платило трошоците, можеби и апартманот не чинел фантастични 20.000 евра. Но со тоа не се елиминираат прашањата.

Најважните од нив се: кои се тие двајца пријатели од Скопје кои го платиле престојот во скапиот хотел; дали поради тоа заменикот-министер Назим Буши може да има одредено чувство на обврска спрема нив во каква и да било ситуација и дали престојувањето во толку скап хотел не ја нарушува неговата позиција во МВР на која стапил неколку недели подоцна. И најпосле, како може Назим Буши да престојува во суперлуксузен апартаман а да не знае кој ја платил сметката. Ако не бара отчетност за самиот себеси како ќе може да бара од другите.

Назим Буши не може да се оправда само со објаснувањето дека ноќевањето во луксузниот апартман го платиле „двајца пријатели од Скопје“, а и ДУИ треба да побара одговори од Буши за неговите пријатели пред да продолжи да зборува за ветинг на функционерите.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.