Бугарија нема нови услови за Македонија, стои во ставот на Министерството за надворешни работи на Бугарија во однос на прашања на медиуми за, како што се наведува, европскиот компромис постигнат во 2022 година за европскиот пат на Македонија.
Бугарија нема нови услови кон Република Македонија. Напротив, таа искрено сака да го види својот сосед како напредува кон полноправно членство, преку успеси во реформскиот процес и напорите за градење добрососедски односи. Го очекуваме првиот чекор во овој процес, согласно обврските потпишани од Скопје во јули 2022 година – …стапување во сила на измените на Уставот на Македонија за граѓаните кои живеат на територијата на оваа земја и се дел од други народи, како што е бугарскиот народ, според внатрешните процедури, се вели во соопштението на бугарското МНР.
Како што наведува Министерството, основен принцип на меѓународното право е Pacta sunt servanda и договорите мора да се спроведуваат, без разлика дали се мултилатерални или билатерални.
Неспроведувањето на потпишаните договори ја поткопува довербата, конзистентноста и предвидливоста во односите меѓу државите и предизвикува одмазда. Отсекогаш очекувавме од нашите пријатели во Македонија совесно исполнување на сите преземени обврски, а не обиди да се толкува дали процесот на европска интеграција бара нивно исполнување, стои во соопштението.
Во него се додава дека патот на Македонија кон членството во ЕУ има јасно дефинирани параметри.
Неодговорно и контрапродуктивно е да се нарушува тешката и деликатна рамнотежа со несоодветни и тенденциозни толкувања кои отстапуваат од критериумите јасно утврдени од Советот на ЕУ за оваа работа. Посебно опасни се обидите за манипулативно прикажување на веќе договорените и опишани во компромисот од 2022 година како некои нови барања на Република Бугарија, коментираат од бугарското МНР.
Како што наведуваат од министерството, преговарачката рамка, која според одлуката на Советот на ЕУ ќе и биде предадена на акедонија по завршувањето на фазата на отворање на преговорите, експлицитно ги утврдува принципите што ќе ги дефинираат преговорите за членство. Во соопштението натаму се додава дека „институциите во Македонија допрва треба да ја докажат сериозноста со која ќе ги гонат злосторствата од омраза врз Бугарите во соседната земја“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.