Бугарскиот премиер Кирил Петков утре пристигнува во Скопје, а како што соопштија од бугарската Влада, него ќе го придружуваат министерката за надворешни работи Теодора Генчовска, министерот за транспорт и врски Николај С’бев и потпретседателот на Народното собрание Кристијан Вигенин, пишува Алсат.

Премиерот Кирил Петков во Скопје ќе се сретне со премиерот на Република Македонија Димитар Ковачевски. Двајцата ќе имаат разговор лице в лице, а ќе има и проширена средба на двете делегации. Во рамки на посетата на Република Македонија, премиерот Кирил Петков ќе се сретне и со претседателот Стево Пендаровски и со претседателот на Собранието Талат Џафери, се вели во соопштението од бугарската Влада.

Оттаму додаваат дека предвидено е премиерот Петков да оствари средба и со претседателот на Демократската унија за интеграција Али Ахмети и со Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ.

Премиерот Кирил Петков ќе се сретне и со претставници на бугарската заедница во Република  Македонија, додаваат од прес-службата.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.