Европратениците од ГЕРБ-СДС Андреј Ковачев, Андреј Новаков, Ева Мајдел, Асим Адемов, Емил Радев и Александар Јорданов побараа остра реакција од челниците на европските институции по претепувањето на бугарските граѓани во Скопје пред фудбалскиот натпревар меѓу „Левски“ и „Шкупи“, соопштија од прес центарот на ГЕРБ.

Во отвореното писмо упатено до претседателката на Европскиот парламент (ЕП) Роберта Мецола, на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, до европскиот комесар за проширување Оливер Вархеји и до претседателите на парламентарните комисии во ЕП, европратениците изложуваат факти околу случајот во Скопје, нагласувајќи дека станува збор за сериозни прекршувања на човековите права предизвикани од омраза и го осудуваат агресивниот однос кон Бугарите.

Според европратениците, ваквиот однос не е резултат на фудбалски емоции и страсти, кои не се исклучок за време на спортски натпревари, а главна причина за агресијата е постојаното наметнување непријателски однос кон Бугарија од страна на политичарите во Република Македонија, од медиумите и од академските кругови таму.

Ние констатираме дека политиката на омраза кон Бугарија, која со години ја водат политичарите во Република Македонија, веќе погоди многу граѓани“, се вели во писмото.

Европратениците потсетуваат на редица напади врз бугарски културни клубови во Македонија, напади врз граѓани со бугарска самосвест, одбивање да се дозволи бугарска делегација – вклучувајќи го и д-р Андреј Ковачев – да влезе во земјата.

БТА потсетува дека на 27 јули бугарски фудбалски навивачи беа нападнати неколку минути пред почетокот на фудбалскиот натпревар од Лигата на конференции меѓу фудбалските клубови „Шкупи“ и „Левски“ – Софија на стадионот „Тодор Проески“, при што еден од нив беше примен во болница со убодна рана во пределот на стомакот. Министерот за внатрешни работи на Република Македонија, Оливер Спасовски, соопшти дека идентитетот на напаѓачите е расчистен и се трага по нив. За агресивно однесување и нарушување на мирот уапсени се вкупно 21 фудбалски навивачи, од кои 19 се Бугари.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.