Бугарскиот премиер Кирил Петков најави посета на Македонија со нов пристап во односите, но со старите позиции. Скопје очекува конструктивни разговори и брзо деблокирање на евроинтегративниот процес.
Петков потврди дека на 18 јануари ќе ја посети Република Македонија, во одговор на прашање на поранешната министерка за надворешни работи Екатерина Захариева на седница за пратенички прашања во Народното собрание. Тој додаде дека ставот на Бугарија за преговарачкиот процес со Република Македонија е зачуван токму онака како што е договорено во коалицискиот договор меѓу партиите во владејачката коалиција. Ставот е ист, вели тој, но Владата во Софија го надградува со пет посебни различни комисии за надградба на овие односи.
Со одењето на разговори на 18 јануари покажуваме дека добрососедството е фундаментален принцип на нашите односи. Се надевам дека нашата Влада ќе ја покаже разликата меѓу добрите планови и постигнатите резултати, рече во заклучокот бугарскиот премиер Кирил Петков во Народното собрание.
Петков се очекува да биде првиот странски лидер со кој ќе има средба мандатарот за состав на новата Влада и иден премиер Димитар Ковачевски, која се очекува да биде избрана во Собранието најдоцна до 17 јануари.
Претседателот на најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски вчера изјави дека не очекува поместување во однос на македонско-бугарските односи по најавениот нов пристап од Софија и побара дипломатска акција од европските партнери за земјата да ги почне преговорите со ЕУ.
Позадината на проблемот е Резолуцијата во бугарскиот Парламент што впрочем го потврди и претседателот Радев. И ги искара министрите во новата Влада на Петков да не попуштаат во барањата. Тоа е доволно јака порака и силна порака. Се додека оваа Резолуција е во функција, се додека оваа Резолуција има сила на закон ние ќе бидеме подложни на уцени од страна на нашиот источен сосед, хегемониски барања од пред неколку векови наместо заедно да градиме иднина и да гледаме неколку векови напред. Жалам што тоа се случува во современа Европа во 21 век и барам од нашите европски партнери жестоко да реагираат и робусна дипломатска акција врз нашиот источен сосед и конечно да му дозволат на народот на Македонија да ги почне долгоочекуваните преговори за полноправно членство во ЕУ, рече Мицкоски во изјавата пред Соборниот храм.
Мицкоски го оспорува и лигитимитетот на Ковачевски како мандатар и иден премиер, да преговара од името на македонскиот народ за неговиот идентитет. Според него, ВМРО-ДПМНЕ е најголемата политичка партија во земјава и очекува да се слушне нивниот глас.
Едвард Џозеф, предавач на Универзитетот Џон Хопкинс во Вашингтон оценува дека ЕУ не прави ништо и со тоа ѝ дозволува на Бугарија, која секако не е меѓу најмоќните членки, да го спречи официјално Скопје да преговара со Брисел. Тој во интервјуто за Радио Слободна Европа на прашањето дали постои замор од проширувањето во ЕУ одговара потврдно и појаснува зошто е тоа голем проблем.
Заморот од проширувањето е голем проблем затоа што тоа е подарок за српскиот претседател Александар Вучиќ, кој на гласачите може да им го претстави како несериозност и незаинтересираност на европските партнери, да укаже на пример на Македонија, која е блокирана од Бугарија на патот кон ЕУ. Унијата не прави ништо, како и Германија за време на нејзиното претседавање, со што ѝ дозволува на Бугарија, која секако не е меѓу најмоќните членки, да го спречи официјално Скопје да преговара со Брисел. Вучиќ може да каже дека Македонија дури и го смени името за да го деблокира патот за евроатлантска интеграција, а официјална Софија сега го кочи. Во право е и Вучиќ кога го тврди тоа. Прашањето е како да се реши овој проблем?, наведува Џозеф.
Според него, колку повеќе има тензии и превирања на Балканот, иницијативи како „Српски свет“, тензии во Црна Гора и загрозување на интегритетот на Босна и Херцеговина, толку помалку ќе биде подготвена европската јавност да го одобри приемот на балканските земји. Одговорот на заморот од проширувањето на ЕУ, треба да е прво да се стабилизира регионот врз принципите на демократијата, а не на стабилократијата.
Професорот по културна антропологија на Универзитетот во Софија, Ивајло Дичев, пак, во врска со ветувањата на новата про-европска влада во Софија дека ќе најде начин да го надмине ќорсокакот поради ветото за отворање на преговорите на Македонија со ЕУ, ги одмерува шансите за компромис. Дичев, во анализа за Дојче Веле оценува дека не постои рационално објаснување за бугарското вето за отворањето пристапни преговори на Македонија.
-Националистите во претходната влада едноставно сакаа да си ја зголемат популарноста. Но од каде тој ентузијастички консензус? Се чини дека Бугарите очекуваа дека Македонците, сега „ослободени“ од српската хегемонија, ќе им се вратат, и затоа беа разочарани кога открија дека нивните соседи развиле сопствен солиден национален идентитет, вели Дичев.
Тој понатаму посочува дека грчкото одбивање да го прифатат името на новата држава веројатно го нахрани и бугарското национално его. Но, за разлика од Атина која на Скопје му претстави јасни услови, денешниот бугарски бес, вели тој, се чини неодреден и нелогичен. Тој претставува опасен преседан кој, според него, несомнено ќе биде искористен и во „контроверзите меѓу Србите и Косоварите, Полјаците и Украинците и сите други земји со различни погледи на нивната заедничка историја“.
-Надежите на Македонија дека ЕУ ќе ја принуди Бугарија да го тргне ветото се претерани: Франција се залага за продлабочување на Унијата пред натамошното проширување, додека екстремно десните партии се скептични за приемот на нови членки со големо муслиманско население – како Македонија, оценува Дичев во анализата во која се наведени кои се нелогичностите и слабостите на секое од бугарските барања во однос на С Македонија.
Бугарскиот претседател Румен Радев, завчера ги повтори условите кои треба да ги исполни Скопје за отворање на преговорите со ЕУ – спроведување на билатералниот договор и решавање на сите отворени прашања, како што се „гарантирањето на уставните гаранции за правата на македонските Бугари, откажувањето од говорот на омраза, завршувањето на процесите на дебугаризација и на фалсификувањето на нашето милениумско културно-историско наследство“.
Тој за во понеделник свика состанок на Советодавниот совет за национална безбедност, на кој ќе се распарава за ставовите и следните чекори за С Македонија. Темата на разговори е насловена како „Интеграција на Западен Балкан во ЕУ. Улогата на Бугарија во проширувањето на ЕУ и во процесот на стабилизација и асоцијација: Република Македонија и Албанија“.
Претседателот Стево Пендаровски уверува дека Македонија останува фокусирана на европската агенда и е подготвена за дијалог со Република Бугарија во насока на надминување на постоечката состојба.
Тој на средба завчера со евроамбасадорот Дејвид Гир разговарале за политичките случувања во земјава во пресрет на формирањето на новата влада, како и очекувањата и можностите за напредок во однос на европските перспективи. Претседателот притоа констатирал дека валоризирањето на напредокот на нашата држава и почетокот на пристапните преговори, согласно препораките на Европската Комисија, ќе претставува дополнителен поттик за реформските процеси, посебно во клучните сфери како борбата против високата корупција и владеењето на правото.
Шефот на дипломатијата Бујар Османи минатата недела најави дека земјава очекува конструктивни разговори со новата бугарска Влада и брзо деблокирÐ �ње на евроинтегративниот процес. – Важно е да се врати довербата и да се разговара за суштинските прашања кои се на маса, порача Османи, нагласувајќи дека проширувањето на ЕУ не е само од интерес за земјава, туку и стратешко геополитичко прашање за Унијата.
Тој најави и конкретизирање на комуникацијата со Франција, како актуелен претседавач со Унијата, по формирањето на новата Влада во земјава.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.