Агресивната бугарска политика која директно удира во темелите на македонската држава и македонскиот народ не е изненадување за потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски. Тој потсетува дека Бугарија ја води таа политика веќе 150 години, од основањето на бугарската држава, но, додава, таа станала поагресивна во изминатите години.
Николоски укажа дека е потребна поголема обединетост на Македонците и македонските политичари.
Нашиот став не се сфати сериозно. Сметаме дека доколку Бугарија бара гаранции, тогаш мора и ние да бараме гаранции во однос на Бугарија. И мора да добиеме цврсти гаранции за самобитноста на македонскиот јазик и македонскиот народ, нагласи Николоски.
Николоски посочи дека Македонија мора да добие цврсти гаранции во однос со спорот со Бугарија.
Бугарија нема позитивно минато на исполнување на договори со Македонија. Досега има најмалку три договори што не се испочитувани од бугарска страна, во 90-тите Глигоров – Желев, после тоа 99-тата година Георгиевски – Костов, и после 2017 година кога имаше договор меѓу Заев – Борисов. И ниеден од тие договори не се испочитува. И затоа мислам дека мора многу внимателно да се влегува во процесот на договарање пред се во однос на гаранции кои што досега ги немаше во досегашните договори, затоа што сепак имаме проблем со Бугарија, а не со Данска, истакна Николоски.
Николоски додаде дека не се случи лидерска средба откако Димитар Ковачевски беше избран за премиер.
Кога беше избран Димитар Ковачевски, иницираше лидерска средба, но како што гледате лидерска средба нема. Не сакам да бидам индискретен, но во одредени комуникации во Собранието повеќе пати сме прашале што е намерата за лидерската средба. А, најдобар начин да се разменат мислења е на еден таков тип на средба каде што ќе се види кој каде е. А, сега одиме само на претпоставки. Имајќи ги предвид минатите искуства, нормално е да сме сомничави, појасни Николоски.
Николоски посочи дека мора многу внимателно со Бугарија, таму за жал мнозинство од политичката елита не гледа пријателски кон Македонија, и пред се македонскиот народ како доминантен во рамки на Македонија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.