Материјалните докази зборуваат со истиот јазик со којшто зборуваа и осомничените. Тоа денеска во изјава за медиумите го истакна шефот на Скопското јавно обвинителство, Гаврил Бубевски за случајот со убиствата на ученичката Вања Ѓорчевска и пензионерот Панче Жежовски.

„Во однос на фактите коишто произлегуваат од целокупниот доказен материјал конечно ќе се произнесеме, нормално, со обвинение“, рече Бубевски, без да посочи повеќе детали од текот на истрагата и од резултатите од обдукцијата.

Бубевски не сакаше да каже детали ниту за обезбедените снимки од движењата на возилото „цитроен“ кое било користено при чинот на грабнувањето на Вања. Главниот скопски обвинител нагласи дека во обвинението ќе стои цел опис на настаните поврзани со случајот.

„Ги имаме прибавено материјалните докази, тие се анализираат, се прави целокупна ретроспектива на сè што се случувало и сето тоа ќе биде предмет на описот на обвинителниот акт“, посочи Бубевски.

МВР претходно деновиве потврди дека по апсењето на осомничените откриени и запленети се две парчиња огнено оружје, без да прецизира дали станува збор за пиштоли или друг тип на оружје, но не и дали некое од нив е користено за ликвидација на Ѓорчевска и Жежовски.

„Сите тие информации како и вештачењето ќе бидат доставени до јавното обвинителство во моментот кога ќе бидат завршени “, рече министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

На главниот осомничен за извршените убиства, Љупчо Палевски, во Турција му е одредена мерка 40-дневен притвор за екстрадиција.

Скопското обвинителство, како што истакна Бубевски, до турските правосудни органи ја доставило сета потребна документација за екстрадиција.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.