Бројот на жени со високо образование кои се невработени е дупло поголем од бројот на невработени мажи, се наведува во новата Стратегија за родова еднаквост на општина Кавадарци (2024-2027). Статистичките податоци покажуваат дека во Општина Кавадарци жените чекаат подолго време за вработување, иако сите невработени активно бараат работа, за разлика од состојбата кај мажите, од кои стотина се пасивни невработени лица.
Овие статистички податоци покажуваат дека во Општина Кавадарци жените чекаат подолго време за вработување. Од добиените податоци гледаме дека родовиот баланс не е застапен во Советот на Општина Кавадарци, од вкупно 19 советници, само шест се жени, претседателот е маж, што значи дека политичките партии номинирале жени за советници колку што барал законскиот минимум, пишува во документот.
Стратегијата има приоритети, како економско зајакнување на жените, еманципација на жените од руралните средини, зголемување на бројот на жени во донесување на клучни одлуки во јавниот и во политичкиот живот.
Документот е изготвен од Општина Кавадарци и Комисијата за еднакви можности на Советот на Општина Кавадарци, со менторска поддршка од Гордана Несторовска Мицова, Бранка Минчева Коцевска и координаторката за еднакви можности во Општина Кавадарци, Марија Камчева.
Жените се многу повеќе социјално загрозена категорија за разлика од мажите
Според податоци во Стратегијата, бројот на жени кои се корисници на помош од Центарот за социјална работа е многу поголем од бројот на мажи.
Оттука произлегува податокот дека жените се многу повеќе социјално загрозена категорија за разлика од мажите. Од друга страна пак, во здравствениот сектор во Кавадарци има трипати повеќе жени вработени во однос на мажи, подвлекува Камчева за МИА.
Во општина Кавадарци заклучно со август 2023 година бројот на невработени изнесува 1.407 лица, од кои 656 се мажи, а 751 се жени. Според статистиката направена од август 2018 година, бројот на невработени лица се намалува.
Камчева посочува дека Стратегијата за родова еднаквост на општина Кавадарци содржи оперативен план кој предвидува преземање на краткорочни и среднорочни активности, коишто ќе се реализираат преку годишните програми за работа на локалната самоуправа.
Стратегијата за родова еднаквост на општина Кавадарци (2024-2027) е поддржана во рамките на проектот на „УН вомен“ – „Промовирање на родово одговорни политики и буџети: кон транспарентно, инклузивно и отчетно управување во Република Македонија“ (фаза 2), што се спроведува со финансиска поддршка на Швајцарија и програмата „Промовирање на родово одговорно управување во Република Македонија“, што се спроведува со финансиска поддршка на Шведска, додава Камчева.
Во неа е наведено дека според последниот Попис на населението од 2021 година, на територијата на Општина Кавадарци живеат 35.733 жители, тоа го пишувало во периодот на подготовка на овој документ, август – ноември на официјалната веб – страница на Државен завод за статистика. Од нив, 17.908 мажи и 17.825 жени. Според тие информации, на територијата на Општина Кавадарци има вкупно 12.375 домаќинства и 14.917 станови.
Ако ги споредиме податоците од Пописот на 2002 година кога во Општина Кавадарци имало 37.189 жители и 2021 година, забележуваме намалување на населението за 1.456 жители, нагласува за МИА, Весна Ѓорѓиева, советничка во Советот на Општината и претседателка на собраниската Комисија за еднакви можности.
Жените се доминанти во управни одбори и совети каде нема финансиски надомест, мажите таму каде има надомест
Во делот за економска активност и вработување, пишува дека по извршените анализи на состојбата на пазарот на труд во Општина Кавадарци, податоците укажуваат дека при прегледот на невработени лица по пол, заклучно со 30 јуни 2022 година, има вкупно 1.651 невработени, од кои 832 лица се жени и 819 се мажи. Анализите покажале дека од невработените лица 1.163 се од градот, а 488 се од руралната средина.
Во однос на бројот на вработени во Министерството за внатрешни работи – ОВР Кавадарци гледаме дека има родов јаз во бројот на вработени полицајки, односно има 77,4 отсто мажи и 22,6 отсто жени. И покрај тоа што гледаме дека во однос на изминатите години има зголемување на бројот на жени во полицијата, сепак бројот на полицајки е драстично помал во однос на полицајци, е забележано во стратегијата, истакнува Ѓорѓиева.
Податоците покажуваат дека во однос на вработените во општината, има повеќе жени. Жените се доминанти во управните одбори на училиштата и советите на родителите, каде нема финансиски надомест за членување, а мажите се застапени во управни одбори каде за својот ангажман се платени.
Во однос на директорските позиции во институциите и јавните претпријатија кои се под ингеренции на локална самоуправа, има родов баланс во директорските позиции на училиштата бидејќи има четири директори на основни и средни училишта и пет директорки. Во однос на директорските позиции во јавните претпријатија, има родов дисбаланс, бидејќи има четири директори и две директорки.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.