Премиерот Димитар Ковачевски, во придружба вицепремиерот задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ и министерот за надворешни работи Бујар Османи, денеска во Минхен се сретна со потпретседателот на Европската комисија и висок претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел.

За време на разговорот премиерот Ковачевски, како што соопшти владината прес-служба, се заблагодарил за личната поддршка и посветеност на Борел за остварување на нашата европска иднина со цврстиот став дека Македонија треба да ги започне преговорите за пристап во ЕУ без натамошно одлагање.

Ковачевски го запознал Борел за отворениот процес за градење доверба со премиерот на Република Бугарија и со Владата во Софија, кој се одвива во позитивен дух и од кој се очекува разумна европска формула која ќе го деблокира почетокот на пристапните преговори за Република Македонија.

На домашен план, како што истакнал премиерот Ковачевски, Македонија го спроведува постпандемиското економско закрепнување со силен акцент на инвестиции во зелената и дигиталната трансформација и во зајакнувањето на отпорноста на општеството со инвестиции во здравството и во социјалната поддршка за граѓаните.

Во однос на енергетската криза, Ковачевски на средбата посочил дека Македонија има активно учество во неколку големи регионални проекти со значајна буџетска помош од ЕУ, со што земјата станува клучна алка за сигурна дистрибуција на енергенси.

– Како земја која ги прифати европските вредности и политики – нагласил премиерот Ковачевски, ЕУ може да смета на соработка со нашата земја во справувањето со заедничките предизвици.

Премиерот Ковачевски го поканил потпретседателот на Европската комисија и висок претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Борел да ја посети Македонија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.