Директорот на Царинската управа, Стефан Богоев, на настан по повод одбележување 32 години од нејзиното основање, оцени дека приходите на Царината во 2023 година растат по секој основ, бројот на случаи на заплени е зголемен за 30 проценти, на кривичните пријави за 60 проценти.

Богоев додаде дека инвеститорите во Царината препознале доверлив партнер и јавно ја издвоиле како институција, од чија работа се најмногу задоволни.

Резултатите се доказ за нашата посветеност, што ќе продолжи и натаму со уште поголем елан, бидејќи само така ќе одиме напред и ќе овозможиме забрзан економски раст и подобра иднина за нашите граѓани. Целта ни е повисоки приходи во Буџетот, односно повеќе пари за училишта, здравство и патишта, зајакнување на конкурентноста на македонското стопанство преку олеснување и забрзување на трговијата и сузбивање на корупцијата и криминалот“, пишува во писмената изјава на Богоев, што ја пренесува Царинската управа.

Директорот потенцира дека подобрените резултати се соодветно вреднувани со потпишување колективен договор, со што се подобрени условите за работа, а платите се зголемени за 43 проценти, се додава во соопштението, до јуни царинските службеници ќе добијат и нови униформи со што достојно треба да ја претставуваат Царината, а обезбедени биле и нови простории.

Како што информира Богоев, во претстојниот период следува реализација на нови развојни проекти од што бенефит ќе имаат сите македонски компании, а управата посветено работи на реформи и имплементација на напредни ИТ системи, со цел забрзана интеграција со единствениот пазар на ЕУ и влез во Унијата.

Министерот за финансии Фатмир Бесими го честитал 32-годишното постоење на Царинската управа, посочувајќи оти таа е чувар на финансиските интереси на државата, игра значајна улога во остварување на економските приоритети што обезбедуваат одржлив економски раст, повисок животен стандард и квалитет на животот на граѓаните.

Оттука, градењето современа царинска служба и понатамошно забрзување, олеснување и дигитализација на царинските постапки, значи брза и сигурна размена на стоки, услуги и капитал и олеснување на условите за водење бизнис. Во таа насока, клучно е да останеме на цврстата посветеност на спроведување на реформите и на тој начин, да бидеме подготвени и на предизвиците наметнати од брзата глобализација на трговијата, се истакнува во писмената изјава на Бесими.

Како што пишува во соопштението, по повод одбележување на Денот на Царината – 14 април, биле доделени и плакети за ТАВ аеродроми и за Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор. Богоев во име на Управата, доделил и признанија за успешна работа на царинските службеници.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.