Македонските револуционери Дамјан Груев, Гоце Делчев, Питу Гули се Бугари: бугарската национална телевизија,БНТ 4, скоро една година е во македонскиот етер емитувајќи содржина во која видни македонски дејци се побугаруваат.

Освен тоа на БНТ4 може да се забележат и обиди за преиначување на македонската историја, па се до препевање на македонските песни и прекрстување на македонските градови и нивно претставување како бугарски.

Со еден збор ширење „бугарска пропаганда“ е она што може да се види во програмата на бугарската телевизија.

Дали некоја од македонските интитуции има надлежност да регулира и конечно дали сака да преземе нешто во однос на програмата која ја емитува БНТ4? Од Агенцијата за визуелни и аудиовизуелни услуги велат дека тоа може да го стори регулаторот во земјата од каде се произведува програмата во случајот Бугарија.

– Во согласност со законот, за содржините за странските канали се надлежни регулаторните тела во државите од каде што се произведува програмата, во овој случај регулаторното тело во Бугарија. Ние на странските канали што се емитуваат во Македонија не им правиме никаков мониторинг, освен за каналите за кои ние сме издале дозвола. Конкретно околу содржините на БНТ буквално ништо не можеме да направиме – вели Зоран Трајчевски, директор на АВМУ.

Според Трајчевски граѓаните реагираат и за други телевизиски програми за кои АВМУ не може да преземе ништо за да спречи емитување, а очигледно надлежните не се заинтересирани.

Наспроти ова, сателитскиот канал на Македонската телевизија не се емитува на бугарските кабелски оператори иако двете Влади договорија реципроцитет – БНТ овде, МТВ таму.

Нас ни беше кажано да го кренеме сигналот над Европа, односно секоја држава која сака може бесплатно да го емитува македонскиот канал. Ние немаме можност да провериме кој од бугарските оператори го пренесуваат македонскиот канал-вели Захарија Вулгаракис од Македонската радио телевизија.

Во Владата свесни дека МТВ САТ не се емитува на ниту еден оператор во Бугарија, се правдаат дека не можеле со декрет да наложат Националната телевизија, како што ја нарекуваат Македонската телевизија, да се пушти во етер кај источниот сосед.

НТВ се емитува на сателит, а тоа значи дека сите оператори на територија на Европа можат да ги преземаат и емитуваат нашите канали. Со тоа се исполнети сите технички предуслови од наша страна. Притоа треба да се знае дека радиодифузијата и емитувањето на медиумски содржини е пред се прашање на слободниот економски и медиумски пазар. Операторите, и кај нас во Македонија, и во Бугарија, сами одлучуваат кој канал ќе го имаат во понудата. Државата не може тоа да го наложи со декрет – велат од владата.

Од Владата единствено велат дека ќе се заложеле во духот на унапредената соработка со Бугарија да поттикнат радиодифузерите и продукциите да нудат содржини и на тамошниот пазар, но потенцираат дека тие мора да бидат ослободени од говор на омраза и да промовираат соработка и добрососедство.

Во однос на спорната содржина која БНТ ја емитува кај нас, немаат коментар.

 

Преземено од АлфаТВ



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.