Библиотекарското здружение на Македонија додели признание „Библиотека на годината“ за библиотеката во средното училиште на Гимназијата „Јосип Броз Тито“-Битола и библиотекарот м-р Драган Ристевски.

Според библиотекарот Ристевски, гимназијалците се сé повеќе и поблиску до библиотеката, а признанието се должи и на креативната програма, десетици изложби на различни теми поврзани со книгата и други креативни активности кои како што вели ги забележа Библиотекарското здружение на Македонија.

Во библиотеката реализиравме повеќе промоции на книги, меѓу кои и на поранешниот словенечки амбасадор Милан Јазбец, организиравме ликовна изложба на познатиот ликовен уметник и академик Васко Ташковски, промовиравме книги на битолски автори и се со цел добар однос кон учениците и се со цел, доближување на книгата до гимназијалците. Можеби нескромно ќе звучи, но наградата е во вистински раце, истакна Ристевски.

Библиотеката на СОУ Гимназија „Јосип Броз Тито“-Битола располага со фонд од 21.000 книги, а фондот се зголемува со донации.

Книги подари семејството на некогашниот директор на гимназијата Душко Алексовски кои донираа повеќе од 1.500 книги, семејството на писателот Анте Поповски додели 1.000 книги, но и други донации кои остануваат во трајна сопственост на библиотеката која е уредена, со амбиент на високо ниво, посочи библиотекарот Ристевски.

Наградата „Библиотека на годината“ во категоријата средно образование, на м-р Драган Ристевски ќе му биде врачена утре во НУ НУБ „Св. Климент Охридски“ во Скопје.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.