Со затворени одделенија и без кадар, еве вака ВМРО ДПМНЕ менаџира со институцијата што е камен-темелник на здравјето на Битолчани, рече на прес-конференција Анета Сердарова од битолската СДСМ.
Само два месеци работа ѝ беа потребни на новата директорка на Клиничката болница- Битола – кадар на ВМРО ДПМНЕ – да почне да затвора одделенија. Од денес, благодарение на нејзиното успешно менаџирање, Битолчани, но и сите пациенти од регионот не можат да се обратат во Инфективното одделение – одделение што постоеше и работеше од 1958 година! Како КБ Битола ќе работи без Инфективен оддел? Почитувана директорке, Ве повикуваме да ни одговорите: Каде ќе се лекуваат пациентите доколку ни се случи нов бран на КОВИД? Каде да одат оние со сезонски грип или, на пример, вирус на мајмунски сипаници – вирус кој е вистинска опасност и веќе се шири во Грција? Кој ќе ги лекува? Затворањето на Инфективното одделение е само почеток на крајот. Состојбата во КБ Битола е алармантна и доколку не се обезбеди кадар час поскоро, извесно е дека ќе се затворат и други оддели на болницата, па затоа ја повикуваме директорката на КБ кадар на ВМРО ДПМНЕ Битола да ја прифати одговорноста кон граѓаните и нивното здравје и да го отвори инфективно одделение повторно. Почитувани, вака владее ВМРО ДПМНЕ – вака се грижи за здравјето на граѓаните, рече Сердарова.
Со остра реакција денеска се огласија од Клиничката болница, од каде соопштението „Во име на ВИСТИНАТА, која, веруваме, на сите Вас, Ви е повеќе од јасна“ ви го пренесуваме во целост:
За да се затвори одделение, треба да нема кадар, а за да има кадар, истиот се создава минимум 6 години, колку што трае една специјализација, точно толку години колку што СДС беа на власт. Ако имаа план и визија, досега ќе имаше и специјалисти и функционални одделенија. Во време на претходната власт, пациентите со заразни заболувања, беа третирани и хоспитализирани на интерно одд, ЗАЕДНО со другите пациенти, што е едноставно, недопустливо. Инфективното одделение не функционира одамна, односно, во последниот период , работеше амбулантски, итоа САМО 2 пати неделно со ангажиран САМО ЕДЕН доктор од друга ЈЗУ, без хоспитализација. Специјалисти не се губат, а уште помалку се создаваат за само 2 месеци. Беспредметно е да се коментира затворањето и на други оддели, односно, неспособноста на СДС. Задоволството да се сликаат на неиздржани и срамни пресови од некомпетентни личности им остана единствената активност, за која очигледно се и единствено способни! ВМРО ДПМНЕ е сериозна партија, со план, способност и визија да го врати сјајот и местото кое го имаше и ќе го има Клиничка болница Битола. Тоа ќе биде и единствената патека по која ќе се движиме.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.