Непреспана ноќ за битолчани и околните места каде вчеравечер првиот од серијата земјотреси регистрирани на грчко-македонската граница се почувствува со интензитет од V-VI степени според Европската макросеизмичка скала. Потресот предизвика материјални штети врз постарите куќи, но испукани ѕидови и тавани се регистрирани и во поновите згради.
Паниката и сеќавањата на еден сличен ваков потрес во 1994 година, натера голем дел од граѓаните ноќта да ја поминат во своите автомобили, а дел од нив заминаа и надвор од Битола.
Градоначалникот Тони Коњановски со дел од кризниот штаб, кој беше мобилен и активен во текот на целата ноќ, вчеравечер ги посети Итната помош и Противпожарната единица, како и делови од градот каде доминираат висококатници и има поголеми штети.
Тој најави дека на денешната седница на Совет ќе биде предложена дополнителна точка на дневен ред за формирање на комисија за надомест на штетите од земјотресот.
Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, соопшти дека вечерва регистрира серија земјотреси чии епицентри се наоѓаат на 130 километри јужно од Скопје во соседна Грција во околината на Лерин.
Првиот земјотрес кој се случи во 22 часот и 43 минути беше со Рихтерова магнитуда ML5.6, а беше најсилно почувствуван од населението во југозападниот дел на Македонија и тоа со интензитет од V-VI степени според Европската макросеизмичка скала. Во централниот дел од земјава беше почувствуван со интензитет од IV степени, а во Скопје и околината со интензитет од III – IV степени.
Вториот почувствуван земјотрес беше во 22 часот и 53 минути со Рихтерова магнитуда ML4.2, а беше почувствуван од населението во југозападниот дел на земјава со интензитет од IV степени според Европската макросеизмичка скала.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.