Здружението на лица со телесен инвалидитет од Битола, Демир Хисар и Ресен-МОБИЛНОСТ и Фондацијата за нови технологии, иновации и трансфер на знаење ГАУС Институт-Битола, со проект поддржан од ЕУ, изработија алатки за пристапен туризам, наменети за лицата со попреченост.
Битола е прв град на Балканот со туристичка понуда за лица со попреченост и тоа ќе овозможи во наредниот период да се зголеми посетата во градот од државата и од странство, и да се информираат за најважните културно-историски споменици и објекти во Битола.
– За лицата со попреченост изработени се туристичка сигналитика за десет најзначајни културно-историски споменици во Битола, наменета за лица со попречености и тие веќе се предадени на Општина Битола да ги постави на пристапни локации пред соодветните знаменитости. Изработена е апликација за мобилни уреди, туристички водич за Битола за лица со попречености и печатен туристички водич за Битола за слепи лица и лица со оштетен вид. Инвалидитет, инвалидност или попреченост, привремено или трајно, може да има секој од нас. Сепак, бројни примери од светот покажуваат дека попреченоста не е никаква пречка за „нормален“ живот, особено денес, кога со помош на технологијата, со минимални интервенции, може да се постигне и да се примени универзален дизајн. Дизајн, како што кажува самото име, наменет за сите. Тој дизајн треба да ни биде заедничка цел, а таа цел е достижна, само ако соработуваме и делуваме заедно. Впрочем, така гласи и нашето мото во целиот свет – Ништо за нас, без нас!, вели примариус Нико Јанков, претседател на здружението Мобилност-Битола.
Проектот „Алтернативно туристичко искуство – Алтернативно патување“, кој МОБИЛНОСТ Битола го имплементира во рамки на ИПА Интеррег Програма за прекугранична соработка „Грција-Македонија 2014-2020“ и е ко-финансиран од Европската Унија и Националните фондови на земјите учеснички. Целта на проектот е да мотивира трансформација на една територија во инклузивна и пристапна туристичка дестинација, како и да го поддржи одржливиот развој на туризмот за природното и културното наследство во прекуграничниот регион.
– Во светот глобален тренд е инклузијата на лицата со попреченост, односно да не се одделуваат од средината, туку средината да им биде пристапна и во таа смисла пристапниот туризам е голема новина на светско ниво и притоа светските туристички центри наоѓаат начин да го овозможат целосно или делумно се што е видливо и достапно да биде можно и за лицата со попречености. Битола е првиот град во државата и на Балканот со ваква организирана туристичка понуда, посочи идејниот творец и проектант на алатките, универзитетскиот професор Игор Неделковски од ГАУС Институт-Битола.
Тактилните табли ќе бидат поставени пред градската Саат Кула, Храм Свети Димитрија, Исак Џамија, Католичка Црква, Музејот, Хераклеја и други објекти и институции во Битола кои предизвикуваат најголем интерес кај посетители од државата и странство.
-Сите ние имаме исти потреби, а една од нив е и потребата да патуваме и откриваме нови места. Од друга страна пак, пречките т.е. бариерите не се исти за сите. За некои најобична скала е едно големо СТОП, кое ја оневозможува посетата на некој објект или локација. Истото важи и за непостоењето на соодветни информации и содржини или несоодветниот начин на нивна презентација. Битола е пожелна дестинација за многу посетители и наша задача како домаќини е да отстраниме што е можно повеќе од бариерите и да ја направиме посетата на градот пријатно искуство за секој, вели м-р Јове Парговски, изработувач на алатките.
Тој нагласува дека еден од трендовите на светско ниво во областа на туризмот се само-водечките тури, во кои мобилниот телефон е ваш водич низ посакуваната дестинација.
-Скоро сите ние денес користиме паметни мобилни телефони, кои со можностите кои ги нудат се далеку повеќе од телефон, т.е може слободно да се класифицираат како персонални уреди кои буквално ги носиме секаде со нас, кои добро ги познаваме и сме навикнати на нив. Во случајот со самоводечките тури, тие може да послужат како наш личен водич, кој по преземањето на апликацијата и избирањето на соодветната тура не води низ нашето патување. Во случајот тоа е турата „Битола – тура низ центарот на градот“ поставена на апликацијата izi.Travel, додава тој.
Парговски појаснува дека турата почнува пред Музејот и по Широк Сокак го води посетителот до останатите културно историски споменици. Штом корисникот се доближи до одреден објект, апликацијата ја знае неговата локација и автоматски се активира аудио нарација на македонски или англиски јазик. За лицата со оштетен слух употребени се видеа на знаковен јазик, со што оваа тура им се прави пристапна и ним, а воедно за секој објект се поставени и информации во однос на физичката пристапност до истиот. -За слепите лица се изработени водичи на Браево писмо со имплементирани тактилни слики, а особено горди сме на металните тактилни паноа, кои треба да се постават пред секој објект, вели тој.
Металните тактилни паноа се изработени од нерѓосувачки челик и на нив е поставена тактилна слика, најчесто предната фасада на објектот и текст на Браево писмо на македонски и англиски јазик. Имајќи предвид дека само околу шест проценти од слепите лица знаат да читаат Браево, се препорачува повторно користењето на претходно споменатата апликација, каде описите се поставени во облик на аудио нарации.
-На овој начин, турата успеавме да ја направиме теоретски пристапна за 100 отсто од слепите лица, кои доволно е само да поседуваат најобичен паметен телефон, а од друга страна се отвора и можноста за понатамошно унапредување на овој пристап. Имено, доколку би постоела патека за слепи лица по Широк Сокак, на овој начин е можно и нивно самостојно движење по главната пешачка улица во Битола. Со дополнителна употреба на NFC тагови во поединечните објекти и институции, се отвара и можноста за навигација и самостојно движење и низ затворени објекти, нешто што воопшто не е скап процес и за што се надевам дека ќе го успееме да го реализираме за брзо време, појасни Парговски, изработувач на алатките.
Најголемо задоволство од реализацијата на овој проект и неговата функционалност имаат членовите на Здружението на слепи лица-Битола и здруженија од други градови за што потврдата стигна токму од нивната членка Весна Софронијевска која смета дека сега во Битола има одлични можности за посета на градот и од слепи лица кои досега само слушале за импозантните културно историски објекти и споменици во овој град и затоа заедно со тимот на реализатори на проектот повикува на поголема посетеност од страна на лицата со попреченост од државата и странство да дојдат во Битола.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.