Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи и министерот за надворешни работи, Бујар Османи, во придружба на генералниот секретар на Владата, Методија Димовски, во седиштето на Постојаната мисија на Република Македонија во Обединетите нации, Њујорк, со извршниот директор на Зелениот климатски фонд, Мафалда Дуарте, потпишаа Меморандум за разбирање и Договор за привилегии и имунитети со што ќе се овозможи Регионалниот програмски дијалог за земјите од Источна Европа и Централна Азија да се одржи во Македонија од 18 до 22 март 2024 година, под покровителство на Зелениот климатски фонд (ЗКФ).
Со потпишувањето на овие два документа, како што наведува владината прес-служба, се зацврстуваат основите за ефикасно проширување и продлабочување на соработката на Македонија со Зелениот климатски фонд во насока на зајакнување на капацитетите за прилагодување, ублажување и спротивставување на климатските промени.
По овогодинешното 78 Генерално Собрание на ОН и Самитот за одржлив развој и очекуваниот состанок на Зелениот климатски фонд во Германија, за финансиски заложби од развиените земји, стратегискиот поглед на светските лидери на економскиот развој ќе биде во фокусот на Целите за одржлив развој и климатска акција. Во овој контекст поддршката од Зелениот климатски фонд станува значајна во напорите за приближување на Македонија кон остварување на овие цели.
По потпишувањето, вицепремиерот Битиќи и министерот Османи со Дуарте зборуваа за проектите кои се финансирани и од Зелениот климатски фонд за што се обезбедува и дополнителна финансиска поддршка за нивно успешно имплементирање. Како на пример, формирање на Национален фонд за енергетска ефикасност, изградба на пречистителна станица за градот Скопје, енергетска ефикасност на згради, како и за заедничките напори за одобрување на проектната апликација за Национален план за адаптација. Ова се дел од проектите преку кои се фондот е директно вклучен во финансирање на одговори на климатските промени и зајакнувањето на капацитетите на Македонија.
Вицепремиерот Битиќи потсети дека во рамки на Проектот за подготвеност е инициран процес за акредитација на Фондот за иновации и технолошки развој, како национално тело за директен пристап до средства од Зелениот климатски фонд.
-Во рамки на продолжувањето на овој проект ќе отпочне и следната фаза во процесот на акредитација на ФИТР, преку кој ќе се очекува поголемо вклучување на приватниот секторот. Предвидено е надоградување на системот е-влада, преку кој Владата ќе има реални податоци за статусот на имплементација на Целите за одржлив развој, Парискиот договор, поглавјата и кластерите на ЕУ, рече Битиќи по потпишувањето на Меморандумот.
Според Османи, зајакнувањето на капацитетите за ублажување и прилагодување кон климатските промени, останува врвен приоритет на нашата земја.
-Последните глобални временски непогоди, кои резултираа со голем број на жртви, повторно нè потсетија дека треба сериозно да се посветиме кон постојана заштита на природата, истакна Османи, нагласувајќи дека поддршката на овој Фонд е од исклучителна важност и поради фактот дека климатските политики се високо на агендата на ЕУ.
Македонија како земја-кандидат, додаде, ја очекуваат суштински реформи, како во усогласувањето на законодавството, така и во преземањето конкретни чекори за реализација на климатските политики.
-На наше задоволство го потпишуваме договорот за привилегии и имунитети со Македонија. Ова е еден важен чекор во нашето долгогодишно партнерство кое ја отвора вратата за уште поблиска соработка со еден силен поборник на климатска акција, рече Дуарте.
Битиќи, Османи, Димовски и Дуарте дискутираа и за потенцијални нови проекти од областа на земјоделско осигурување, наводнување, земјишна реформа и отпорност на инфраструктурата кон климатски промени.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.