Сосема е извадена од контекст мојата изјава, изјави во вечерашното издание на Топ тема на Телма, Митрополитот преспанско-пелагониски, Владиката Петар, во однос на неговите коментари дека родовата еднаквост била богохулна, противприродна и изопачена.
Јас кажувам дека луѓето ќе речат: јас не сакам да бидам маж, сакам да бидам жена а не можам да станам, но ќе се чувствувам како жена, ќе се претставувам како жена. Прашањето е дали мажот што ќе си го смени полот може да раѓа и обратно жената кога ќе стане маж, дали е таа во состојба да оплодува жена – изјави митрополитот Петар.
Митрополитот Петар тврди дека неговите коментари се однесувале само на оние лица што го менуваат полот, односно на трансродовите лица.
Тоа што Господ го создал. Машко да биде машко, а женско да биде женско, треба да се почитува – вели Петар.
Митрополитот Петар оценува и дека вината за разводот на браковите во најголем случај е кај мажите, затоа што ги изневерувале жените.
Според црквата, само во тој случај бил дозволен развод на бракот, додека како решение за останатите причини за развод на браковите, како семејното физичко или ментално насилство, го препорачува решението: „жената да биде одвоена од мажот“.
Не мора да бидат заедно, но не мора да се разведат. Ние ги разведуваме жените кога ќе побараат, но треба да утврдиме зошто е побаран разводот. Кој е виновникот за разводот? Зборувам за црковниот суд, не граѓанскиот. Црковниот суд разведува или не разведува – вели Митрополитот Петар.
Во однос на неговите коментари кои ги разгневија феминистките дека жените често кога сакаат да докажат дека имаат еднакви права, ја запоставуваат својата улога на жена и мајка, митрополитот Петар се „обиде“ да се дообјасни:
Има жени кои сакаат да имаат кариера и заради кариерата која сакаат да ја имаат, земаат контрацептивни средства и не сакаат да родат дете. Втората работа е дека има жени кои заради тоа што сакаат да уживаат во половите односи, не сакаат да раѓат деца, па затоа ќе ги абортираат – вели Петар.
Проблемот е во тоа дека заради кариера, не сака да биде мајка. Заради кариера не сака да забремени, изјави Митрополитот Петар.
Жената е рамноправна со мажот и јас тоа никогаш не сум го негирал. Само ми се импутира – тврди Петар.
Извор:ТВ Телма
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.